Фото: Маја Јаневска-Илиева

На судењето против Стојанче Јовановски, обвинет за убиството на својата сопруга Ивана Јовановска и нивната ќерка Катја, беа презентирани аудиоснимки од пријави направени од Ивана и други лица како клучни материјални докази, пренесува МИА.

Снимките, најмногу од 2 март 2026 година, непосредно пред трагичниот настан, покажуваат континуирани расправии и физичко насилство. Во тие пријави, Јовановски ѝ порачува на Ивана дека повеќе нема да го види детето и дека ќе ѝ го уништи животот.

Покрај аудиоснимките од кобниот ден, судот ги разгледа и материјалите од 2024, 2025 и 2026 година, кои сведочат за долгорочно семејно насилство. Доказите вклучуваат пријави направени од Ивана, нејзината мајка Љубица, мајката на обвинетиот и анонимни соседи. Презентирани беа и транскрипции, како и фотографии од пријавите во полицијата со видливи телефонски броеви на пријавителите.

Некои од клучните пријави се:

-15 октомври 2025 година – Ивана пријавува дека не може да влезе во својот стан бидејќи сопругот го заклучил. Исто така, го пријавува дека чува дрога во станот.

-9 јуни 2025 година – Ивана се јавува на 192 вознемирена и викајќи, за да пријави дека е тепана од сопругот. Поради тоа што не ја знае точната адреса, бара полицијата да ја лоцира по географска позиција.

-21 јануари 2025 година – Машко лице од соседството пријавува дека жена е малтретирана во својот дом и се засолнува кај соседите.

-29 август 2025 година – Мајката на Ивана пријавува дека Стојанче повторно ја тепа Ивана додека таа отишла да земе свои работи од станот.

Обвинителката Адела Бојчевиќ нагласи дека овие материјални докази јасно покажуваат континуирано насилство, кое траело години, и претставуваат основа за кривичната постапка против Јовановски.