Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека САД ќе ги запрат нападите врз Иран во период од две недели, во обид да се создадат услови за дипломатско решение на кризата.
Одлуката, како што соопшти, следува по разговор со пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф, кој побарал продолжување на рокот што му бил даден на Иран за повторно отворање на Ормуската Теснина.
Трамп истакна дека прекинот на нападите ќе важи под услов Техеран веднаш и безбедно да ја отвори теснината, нагласувајќи дека станува збор за „билатерален прекин на огнот“.
Американскиот лидер додаде дека САД добиле предлог од 10 точки од Иран, кој, според него, може да послужи како основа за понатамошни преговори.
Примирјето го потврди и пакистанскиот премиер Шариф, кој повика на двонеделен прекин на огнот и повторно отворање на теснината како гест на добра волја, со цел да се создаде простор за дипломатско решение и долгорочна стабилност во регионот.
Претходно, Трамп предупреди на сериозни последици доколку не се постигне договор, вклучително и можни напади врз цивилна инфраструктура во Иран.


































