Се случи „Пролетен фестивал“ во ООУ „Гоце Делчев“ во Тетово
По неколкунеделна работа и подготовка, неодамна во тетовското ООУ „Гоце Делчев“, на радост на сите дечиња, беше реализиран „Пролетниот фестивал“.
На ова случување му претходеа и три работилници за креирање на иницијативата, спроведени со надворешната менторка Слаѓана Тодоровска, декорирање на училишниот хол, како и организирање аудиција за „Талент-шоу“.
Пролетниот фестивал започна со песната „We are different, but the same“, изведена од четворица ученици на пет различни јазици: македонски, албански, ромски, турски и англиски, преку која се пренесе порака дека различностите треба да се почитуваат, а училиштето е место каде што секој ученик треба да се чувствува прифатено, безбедно и почитувано, без разлика на јазикот и културата од која доаѓа.
На настанот се обрати директорката на училиштето, Бети Никлевска, која ја поздрави ученичката иницијатива и ја истакна важноста од вакви активности за унапредување на училишниот живот.
Потоа училишната координаторка на проектот, Соња Трифуновска, потенцираше дека „Пролетниот фестивал“ е потсетник дека ученичкиот глас и ученичките идеи имаат моќ да донесат позитивни промени и да придонесат за создавање уште побезбедна и поинклузивна училишна средина.
Целиот настан го водеа учениците Марија Спироска и Едис Идризи, членови на ученичкиот парламент, кои исто така беа членови на комисијата за „Талент-шоу“. Во рамките на програмата беа презентирани мултикултурните активности што континуирано се реализираат во училиштето, а потоа следуваше интерактивен дел во кој учениците од публика можеа да одговараат на прашања во врска со темата, да кажуваат свои впечатоци од активностите и да даваат свои предлози за мултикултурни активности што би сакале да се реализираат во училиштето во иднина – ни раскажа наставничката Соња Трифуновска.
Во вториот дел од настанот се презентираше едукативен филм за Песталоци, преку кој беа споделени искуствата на учениците што го посетија Троген, Швајцарија. Најинтересниот дел од настанот беше „Талент-шоу“, кога се претставија најуспешните учесници избрани на претходно одржаната аудиција во училиштето. За „Најталент 2026“ беше избран Никола Стојаноски, ученик во шесто одделение, кој се претстави со изведба на песна од Тоше Проески, комбинирајќи пеење и свирење на пијано. На крајот од настанот, сите учесници на аудицијата добија благодарници, а учениците од топ 10 беа наградени со дипломи. Ученикот избран за „Најталент 2026“ доби и плакета.
Овој „Пролетен фестивал“ се реализираше првпат во училиштето, но според училишната координаторка Соња Трифуновска, ќе прерасне во традиционален настан и ќе се одржува секоја година.
– Фестивалот придонесе за создавање позитивна и мотивирачка работна атмосфера, во која учениците имаа можност активно да учествуваат, да ги изразат своите идеи и да покажат креативност. Преку заедничките активности и дружењето, значително се зајакнаа мултиетничките односи, се поттикнаа меѓусебната почит и соработка, а училиштето уште еднаш ја потврди својата заложба за градење инклузивна и безбедна училишна средина. Настанот наиде на голем број позитивни реакции, како од учениците и наставниците така и од родителите и пошироката заедница, кои ја поздравија иницијативата и ја истакнаа важноста од вакви настани што придонесуваат за подобрување на училишната клима и зајакнување на заедништвото – вели Трифуновска.
Инаку „Пролетниот фестивал“ е произлезен од ученичка иницијатива, која е резултат на идеите, креативноста и ентузијазмот на учениците. Овој настан е во рамките на проектот „Промоција на безбедна училишна средина“, на првата детска амбасада „Меѓаши“, коалиција „СЕГА“, „Смартап“ и МЦГО.
Ф.Д.
































