Марсо Марсоски се враќа на страниците на „Колибри“
Иако во наставната програма стрипот се обработува само во текот на два часа во деветто одделение, неговото влијание врз развојот на децата е многу поголемо од тој ограничен временски простор. Според визуелниот уметник и ликовен педагог Дарко Талески, автор на стрипот „Магичен круг“, кратките анимации им помагаат на учениците да пренесат сложени емоции, а стрипот го прави тоа на уште подостапен и пометодичен начин.
– За некои ученици, особено за оние што потешко се изразуваат вербално, стрипот станува моќна алатка за лично изразување и ослободување на креативноста – вели Талески.
Поради сите придобивки од стрипот во развојот на децата, „Колибри“ неколку години наоѓа простор во секој број да објавува стрип. Првиот стрип „Марсо Марсоски“ на м-р Славица Танеска се објавуваше во „Колибри“ во 2022 година, беа објавени 60 епизоди и наиде на голем интерес од страна на нашите читатели. Потоа минативе три години, сѐ до минатиот број, сите вие уживавте во ликовите од стрип-серијалот „Палавковците Влатко и Емче“ благодарение на нашиот плоден писател и ликовен уметник Владо Јаневски, кој живее и твори во далечната Австралија.
Како што пролетта носи промени во природата, така и ние решивме да го освежиме „Колибри“ со вториот дел од стрипот „Марсо Марсоски“, насловен „Марсо се враќа“. Авторката Танеска нѐ наврати малку на настанувањето на стрипот.
– Марсо настана како реакција на една моја ситуација пред многу години, кога барав уметнички материјали во Охрид, кои тогаш не можев да ги најдам. На тоа добив коментар дома дека тие мои идеи биле како да бараш трепкач за вселенска чинија и дека не треба да барам работи што ги нема. Јас веднаш ја скицирав првата епизода во која главен јунак беше еден симпатичен Марсовец што се спушта на земјата да бара трепкач за својата вселенска чинија, но никој не знае што е тоа што тој всушност го бара – вели Танеска.
Од денеска, па до крајот на август ќе се дружиме повторно со Марсо, со неговата симпатија Марсела, и со бабата на Марсо, лик инспириран токму од бабата на авторката. Во новото продолжение, секако, ќе нѐ очекуваат нови авантури, а можеби и нови ликови.
– Особено голема радост ми претставува работењето на новата сезона на „Марсо Марсоски“, кој овој пат се вика „Марсо се враќа!“ токму поради оваа пауза што се направи од три години. Во последните објавени епизоди, Марсо се врати на Марс заедно со своите пријатели, но не ги заборави Земјата и случувањата што ги имаше тука. Сега повторно се враќа за да се дружи со своите пријатели, да ги научи дека сепак на Земјата најубаво се живее, но и дека е важна грижата за животната средина. Тој ќе ги покрива темите за екологија, здрава храна, добро однесувања и меѓусебна почит. Најважното нешто што ќе го потенцира Марсо се пријателството и ширењето љубов помеѓу сите – вели Танеска.
Ф.Д.
































