Научната фантастика одамна ги надмина границите на жанр што се однесува само на иднината и стана огледало на современата позиција на човекот во светот. Ако можеме да направиме рангирање и скала на најантрополошкиот жанр помеѓу сите жанрови во уметноста, тоа дефинитивно би била научната фантастика (НФ). Иако на прва таа малку личи на нашето секојдневие, на ниво на алегорија и преносни значења, посредно ја открива современата вистина за човекот на суптилен начин преку нејзината последица во иднината.
Во последните неколку години се појавија научнофантастични филмови што се занимаваа со прашањето на постоењето на паралелни реалности, односно го поставија прашањето дали еден човек може во исто време да биде на повеќе различни места или да биде во различни времиња на едно исто место. Најзабележани од нив беа „Почеток“ (Inception), „Меѓуѕвезден“ (Interstallar), „Сè насекаде одеднаш“ (Everything Everywhere All at Once) и „Тенет“ (Tenet). *(слободен превод)
Во „Почеток“ границата меѓу сонот и јавето се разлева до степен во кој реалноста станува прашање на перцепција, додека „Меѓуѕвезден“ преку времето и просторот ја отвора можноста за различни доживувања на истото постоење. Филмот „Сè насекаде одеднаш“ оди чекор понатаму, претставувајќи мултиверзум во кој еден човек живее безброј верзии од својот живот, додека „Тенет“ ги преиспитува линеарноста на времето и самата логика на реалноста. Овие филмови, иако различни по пристап, имаат заедничка нишка – обидот да се разбере каде и како човекот навистина постои.
Прашањето за мултикосмичноста и паралелниот плурализам на постоењето се популаризираше благодарение на филмот. Но како концепт зеде замав со инвазијата на модалната логика наспроти бинарната, која освен вистина и лага, призна веројатност, можност и слично, како и експанзијата на квантната механика во природните науки. Сепак во филозофијата, на ниво на теорија, таа е позната многу пред да стапне на конвенционалната научна сцена во 20 век и да биде дел од академска и институционална архива.
Во филозофијата, прашањето за постоењето, кое е непосведочено, прв го воведува Џорџ Беркли. Во неговата теорија, која се смета за емпиристичка, Беркли вели дека за човекот постои само она што го гледа, сетилно восприема и она на што сведочи во својата непосредна реалност. Но критичарите му го поставуваат прашањето каде постои собата кога ќе излезеш од неа. Дали таа престанува да постои додека ти не се вратиш да посведочиш за нејзиното постоење? Не можејќи да го објасни објективното постоење надвор од субјектот, Беркли го воведува Бог како заеднички именител на сите постојни нешта, па така, според него, сѐ постои во умот на Бог.
Понатаму ова прашање го актуализира и Кант, кој го поставува прашањето за тоа дали со сигурност може да тврдиме дека постои остров што никогаш не сме го виделе. Беркли и Кант се задржуваат на важноста на човечкото искуство, не како интимно доживување, туку како основа на која се докажува постоењето на објективниот свет.
Теориите во 20 век се далеку посуптилни и покомплексни. Хусерел на пример го поставува прашањето како може човекот да има однос кон минатото ако постојано е во сегашност. Сега е основната временитост во која постои човекот. Кога мисли на некој настан што се случил, тој мисли сега, кога замислува настан што треба да се случи во иднината, исто така мисли сега, во овој актуелен момент. Хусерел тврди дека свеста на човекот е таа што го потврдува неговото постоење. Иако некои доживувања од минатото можеме да ги преживуваме и сега и иако тие веќе поминале, ние можеме да имаме живи и активни искуства на страв, анксиозност (на пример при психолошка траума) или манифестација на убави искуства, тоа всушност значи дека човекот во исто време постои во две модалности на времето – минатото и сегашноста поврзани во свесноста како спомен. Ова е една од теориите во кои за првпат се говори дека човекот постои во два временски модуса паралелно.
Втора е теоријата на Хајдегер. Тој вели дека човекот е тука-битие или Dasein. Според Хајдегер, човекот е повеќе просторно одошто временско битие, не во смисла на географски детерминизам, туку во смисла на засегнатост од светот. Егзистенцијалните состојби, како вината на пример, се доказ дека човекот нема само искуствен однос кон светот што се базира на сведочењето тука и сега и нивно присуство во свеста. Човекот гради однос на засегнатост кон светот и тој е постојано тука, а секогаш е над границите од она што може на базично ниво само да го види, слушне или воопшто доживее преку своите сетила.
Иако Сартеровата теорија е најпесимистичка, таа е една од најоригиналните теории кога станува збор за паралелното постоење. За човекот, Сартер вели дека е битие за другиот. Ако се постави прашањето дали човекот постои кога е во бесознание, Хусерел би ја оправдувал својата теорија со субјективен континуитет на свеста, додека Сатер вели дека човекот секогаш го доживува постоењето преку другиот. За многу клучни случувања човекот не е свесен, тој не знае кога и како се родил, за тоа дознава посредно, за смртта исто така, ниту еден човек нема непосредно искуство со сопствената смрт, но смртта секогаш ја доживува преку смрт на другиот. Затоа другоста во теоријата на Сатер е клучна.
Овие теории се делумно инкорпорирани во научните теории, делумно во уметноста и културата. Филмот е заслужен за тоа што ги направи подостапни. Она што беше филозофска академска езотерија, филмот го направи јасно, разбирливо и визуелно претставено.
Тоа што научната фантастика ја прави особено значајна е нејзината способност да ги симплифицира сложените идеи. Наместо формули и теории, гледачот добива приказна и ликови што му се слични и со кои може да се движи низ раскажувачката авантура. Научната фантастика како жанр дава слобода да се воведуваат „нови и досега општо непознати концепти“, но и да се осмислуваат преку реалните искуства на луѓето што се осмелуваат да прашаат каде и дали јас постојам додека спијам и сонувам и дали постоењето на едно човечко суштество може да се собере на екран од електрокардиограф или од пулсоксиметар?!
Автор: Магдалена Стојмановиќ-Константинов































