Сателитските набљудувања, управувани од американската НАСА и францускиот ЦНЕС, им овозможија на научниците подобро да ги разберат потеклото и ширењето на цунамито, набрзо по силниот земјотрес што го погоди рускиот полуостров Камчатка минатата година. Научниците велат дека наодите би можеле да помогнат подобро да се разберат идните цунамија и земјотреси во зоните на субдукција, особено во близината на океанскиот ров, каде што се среќаваат две тектонски плочи и се лизгаат една под друга. Земјотрес со јачина од 8,8 степени во близината на полуостровот Камчатка на 29 јули 2025 година предизвика цунами што се прошири низ Тихи Океан.
Сателитските набљудувања за површинска вода и океанска топографија (СВОТ) на НАСА и ЦНЕС беа објавени во рок од 70 минути од земјотресот, на кои беше забележан не само водечкиот бран на цунамито туку и јасна шема на помалите бранови што се задржаа зад него.
– Верувам дека СВОТ претставува нова перспектива за набљудување и проучување на цунамито и неговото генерирање – рече Игнасио Сепулведа, професор по крајбрежно инженерство на Државниот универзитет во Сан Диего и главен автор на студија.
Веројатно ова ќе го подобри и нашето разбирање на физичките механизми што генерираат цунами, вклучувајќи ги и земјотресите.
– Традиционалните сензори за притисок во длабокиот океан и другите сателити имаат ограничувања во покриеноста и мерењето, што го отежнува снимањето на целосната структура на брановите, особено во близина на ровот – велат научниците.
СВОТ скенира широк дел од океанот, создавајќи дводимензионални мапи на висина на површината на морето. Тоа им овозможува на научниците да ги видат обликот, насоката и растојанието на цунами-брановите со многу поголеми детали. Цунамито е меѓу најмоќните и најразорните природни сили, при што брановите се шират од точката на потекло во сите правци. Едно од најсмртоносните цунами беше во Индиски Океан во 2004 година, при што загинаа околу 230.000 луѓе.































