Од куче до миленик: време е грижата да стане професија

Серијал за бездомните кучиња, милениците и за сите љубители на животните (13)

Кога зборуваме за грижата за животните, премногу често зборуваме со емоции, а премалку со правила. Но систем не се гради врз добра намера, туку врз одговорност. А одговорност нема без јасен правен субјект, без фактура, без фискална сметка и без можност некој да одговара за услугата што ја дал. Сè друго е импровизација. И таа импровизација, кога станува збор за живи суштества што живеат како дел од семејството повеќе од една деценија, секогаш има последици. Зошто за фрижидер, убодна пила или за чевли бараме гаранција за квалитет, додека за куче, маче, папагал или друг миленик, за кој велиме дека е дел од семејството десетина, петнаесет, дваесет и можеби повеќе години, не бараме никаков документ?
Во Македонија веќе имаме пример како треба да изгледа еден функционален систем. Ветеринарната медицина не е оставена на случајност. Не може секој да биде ветеринар, не може во какви било услови да се отвори ординација, не може секој да лекува во неа со што било. Постојат јасни правила, лиценци, комори и надзор од институции како Агенцијата за храна и ветеринарство. Зад секоја услуга стои правен субјект. Постои одговорност. И токму затоа постои и заштита – и за животното и за сопственикот. Овој модел не е локална специфичност, туку европски стандард. Според Европската комисија, благосостојбата на животните директно зависи од компетентноста и одговорноста на луѓето што работат со нив. Затоа во европските политики сè појасно се инсистира на регистрација, следливост и професионализација. Нелегалната трговија со кучиња и мачки е идентификувана како една од најпрофитабилните сиви економии токму затоа што функционира надвор од системот – без фактури, без контрола и без одговорност. Оттука, купувањето миленик не смее да биде приватен договор без трага. Не смее да биде „ќе ти донесам прва лига куче од Србија“ или „од домашно легло е, за миленик ти е, а бе што ќе ти е педигре, па нема да го носиш на натпревари, хе-хе“. Купувањето мора да биде правен однос. Тоа значи дека лицето од кое се купува миленик мора да биде регистриран правен субјект, одгледувачница што е дел од Кинолошкиот сојуз на Македонија, да стави печат на договор за продажба и да обезбеди документирана гаранција за потеклото и здравствената состојба на животното. Само така постои заштита на купувачот. Само така постои можност за одговорност. Без тоа, купувачот нема никакви права, а животното станува производ без гаранција.
Истото тоа важи и за сите услуги поврзани со животните. Дресура, шетање, чување, хотели, груминг – сето тоа не може повеќе да биде неформална активност. Ако не постои фирма, тогаш не постои ни одговорност. А кога нема одговорност, нема ни заштита. Во таков систем, секој ризик го носи сопственикот, а секоја последица ја трпи животното. Секторот на услуги за миленици, односно сите професии во пет-сферата, во моментов е во јасен подем како одраз на променетата структура на современото општество. Овие дејности стануваат сè попривлечни не само за младите туку и за луѓето што околу својата 35-та година прават свесна професионална реконверзија, напуштајќи стресни работни средини во замена за работа исполнета со љубов, грижа, нега и вистинска страст кон милениците – кои денес се полноправни членови на нечии семејства. Во оваа професија, вредноста на трудот не се враќа само преку финансиски надомест туку и преку довербата, милината и благодарноста што ја покажуваат и клиентот и неговиот миленик.

Фото: Пиксабеј

Токму затоа, таа доверба не смее да биде изиграна. Напротив, строгите европски правила и стандарди мора да бидат појдовна основа и тивка, но постојана заднина на секој чинител во пет-индустријата – без разлика дали станува збор за продажба или услуга. Дополнително, неопходно е и зад секој давател на совети да стои одговорно правно лице, со цел да се прекине практиката на импровизација во која секој без релевантна основа дава насоки за здравје, нега и грижа на миленици. Само на тој начин може да се изгради доверлив, професионален и одржлив систем во интерес на милениците и нивните сопственици.
Македонија не е без примери што покажуваат дека овој пристап е можен. Кинолошкиот сојуз на Македонија, како дел од Интернационалната кинолошка федерација, функционира токму по тие принципи – стандарди, евиденција и меѓународна усогласеност. Тоа не е формалност, туку механизам што создава доверба и квалитет. Во сегментот на грумингот односно стилизирањето домашни миленици, кој долго време беше препуштен на импровизација, сè повеќе се гледа значењето на вмрежувањето и меѓународното професионално поврзување. Македонската асоцијација на стилисти за миленици е пример за единствено, доброволно, свесно и етичко поврзување на правни конкурентни ентитети, кои преку членство и соработка со Европската груминг-асоцијација си наметнуваат високи стандарди. Европските асоцијации функционираат со строги правила, контроли и критериуми за членство, и токму преку тоа вмрежување се создава професионална култура. Тоа не е исклучување на другите, туку поставување на ниво што станува референтна точка за сите. Во тој контекст, значајна улога имаат и нашиот центар за благосостојба ТУТУ и груминг-академијата, која ја создадовме со јасна цел – да се воведа структура, знаење и етички стандарди во една долго време недефинирана професија. Досега имаме обучено околу 40 активни грумери во Македонија и Србија. Овие професионалци денес не само што обезбедуваат егзистенција за себе и своите семејства преку својата пасија и занает туку активно придонесуваат и во подигањето на свеста за важноста на благосостојбата, етичкиот пристап и високите стандарди во услугите за миленици. Сите тие имаат сопствени правни субјекти, односно фирми, и легално ја извршуваат оваа дејност, додека дел од нив оди чекор понапред – станувајќи дел од најелитното европско семејство на грумери, Европската груминг-асоцијација, како официјално обединувачко тело со сопствени стандарди и критериуми.
Суштината е едноставна. Не може да зборуваме за благосостојба на животните, а да толерираме систем без одговорност. Не може да зборуваме за љубов кон животните, а да прифаќаме услуги без писмена гаранција и заштита. Тоа не е алтернатива – тоа е проблем. Помина времето кога „ќе се договориме“ беше доволно. Денес единствениот сериозен модел е оној во кој зад секоја услуга стои регистриран правен субјект, во кој се издава фактура или фискална сметка и во кој постои јасна одговорност за миленик што ќе биде член на семејството во следните десет-петнаесет години. Само така се штитат правата на купувачите. Само така се штитат животните. Да престанеме да прифаќаме импровизација таму каде што таа не смее да постои. Бидејќи кога станува збор за живи суштества, импровизацијата никогаш не е без цена. И најчесто таа цена ја плаќаат токму оние што немаат глас.


Серијал текстови за кучињата скитници, милениците и за сите љубители на животните, подготвени од Илија Петковски, кој магистрира екологија и животна средина на „Сорбона“ во Париз, излегуваат на викенд-страниците на рубриката Магазин во „Нова Македонија“. Низ текстовите авторот ќе понуди современи хумани решенија за решавање на проблемот со бездомните кучиња и за состојбата во државата во врска со овој проблем. Целта е издигнување на јавната свест за благосостојбата на животните на научна основа и отворање дебата за оваа тема, со цел да се создаде похуман свет за сите. Текстовите провоцираат научна дебата за бездомните кучиња во Македонија, фокусирана на еколошката нерамнотежа и хиперпопулацијата наместо на емоции и холивудски стереотипи. Фокусот на текстовите понатаму ќе се сведе и на одговорното сопствеништво на милениците.