Иран лансираше повеќе бранови ракети кон Израел, соопшти израелската војска, откако претседателот на САД Доналд Трамп го одложи бомбардирањето на електраните и другата енергетска инфраструктура на Исламската Република поради, како што рече, продуктивни разговори со ирански официјални лица, пренесе Ројтерс.
Ракетите ги активираа сирените за воздушна опасност во Израел, вклучително и во Тел Авив, каде што беа направени големи дупки на една повеќекатна станбена зграда. Не беше веднаш јасно дали штетата е предизвикана од директен удар или од остатоци при пресретнување.
Службата за противпожарна заштита и спасување на Израел соопшти дека трагаат по цивили заробени во една зграда во Тел Авив и откриле цивили во засолниште во друга оштетена зграда.
Израелската војска соопшти дека нивни борбени авиони извршиле голем бран напади во централниот дел на Техеран во понеделникот, таргетирајќи клучни командни центри, вклучително и објекти поврзани со разузнавачкиот сектор на Исламската револуционерна гарда и Министерството за разузнавање на Иран. Војската додаде дека повеќе од 50 дополнителни цели биле погодени во текот на ноќта, меѓу кои складишта и лансирни позиции за балистички ракети.
Трамп во понеделник на неговата платформа Truth Social напиша дека САД и Иран имале „многу добри и продуктивни“ разговори за „целосно и трајно решавање на непријателствата на Блискиот Исток“.






























