Фото: МИА

Европската комисија изрази сериозна загриженост поради обвинувањата дека унгарската влада можеби ѝ пренесувала доверливи информации на Русија од рамките на Европската Унија.

Портпаролка на Комисијата оцени дека тврдењата оти министерот за надворешни работи Петер Сијарто споделувал информации од затворени состаноци со рускиот министер Сергеј Лавров се „длабоко загрижувачки“, додавајќи дека се очекуваат појаснувања од унгарската влада.

Наводите произлегуваат од напис на Вашингтон пост, кој, повикувајќи се на безбедносни извори, тврди дека со години биле пренесувани чувствителни информации од дискусиите во ЕУ. Според извештајот, Сијарто наводно комуницирал со Лавров за време на паузите на состаноците за да го информира за нивната содржина.

Во меѓувреме, унгарската страна ги отфрли обвинувањата и го насочи вниманието кон можноста за незаконско следење на комуникациите. Премиерот Виктор Орбан оцени дека евентуалното прислушување на член на владата претставува сериозен напад врз државата и најави истрага за случајот.