Фото: Принтскрин

Шефот на унгарската дипломатија Петер Сијарто ги демантираше наводите дека со години ѝ пренесувал доверливи информации на Русија од рамките на Европската Унија, оценувајќи ги како „лажни“ и „погрешни“.

Во објава на социјалната мрежа „X“, Сијарто истакна дека станува збор за, како што наведе, дезинформации насочени кон политичко влијание пред изборите во Унгарија. Тој ги поврза обвинувањата со поддршка за опозициската партија Тиса, тврдејќи дека целта е формирање „марионетска влада“ и влијание врз политичките процеси во земјата.

Сијарто додаде дека ваквите тврдења се дел од, како што рече, „украинска пропаганда“, насочена кон поддршка на опозицијата и влијание врз исходот од претстојните парламентарни избори.

Обвинувањата произлегуваат од напис во Вашингтон пост, во кој се наведува дека Сијарто наводно го информирал рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров за затворени дискусии на состаноците на Советот на ЕУ.

Според извештајот, тој наводно контактирал со Лавров за време на паузите на самитите за да сподели детали и можни насоки за дејствување. Овие наводи, според неименувани безбедносни извори, предизвикале загриженост за довербата во рамките на Унијата.