РАКОМЕТ
- Конечната одлука за форматот на натпреварувањето ќе биде донесена на наредниот состанок на ракометните федерации на Македонија, Србија и на Црна Гора во април во Скопје. Сите учесници на состанокот изразија цврст и единствен став дека заедничките ракометни лиги треба да почнат веќе од септември годинава, со висок степен на организација и професионални стандарди
Претставници на ракометните федерации на Македонија, Србија и на Црна Гора одржаа заеднички состанок, на кој главна тема беше формирањето регионални лиги во машка и во женска конкуренција. За време на состанокот беа разгледани различни модели на организација на тоа регионално натпреварување, вклучувајќи повеќе варијанти на лигашки систем, за унапредување на квалитетот на ракометот, зголемување на конкурентноста и зајакнување на регионалната соработка, информира Ракометната федерација на Македонија (РФМ).
Сите учесници на состанокот изразија цврст и единствен став дека заедничките ракометни лиги треба да почнат веќе од септември годинава, со висок степен на организација и професионални стандарди. Конечната одлука за форматот на регионалното ракометно натпреварување ќе биде донесена на наредниот состанок, кој е планирано да се одржи во април во Скопје, кога ќе бидат усогласени сите клучни детали и ќе се дефинира конечниот модел на лигите.
На тој состанок во Скопје ќе бидат поканети и претставници на клубовите, за активно да учествуваат во процесот на донесување одлуки.
Ракометните федерации продолжуваат со интензивна комуникација и соработка за реализација на овој значаен проект за развој на ракометот во регионот, велат од Ракометната федерација на Македонија. Г.И.
Словачка е последната пречка на Македонија до СП 2027
Ракометната репрезентација на Македонија ќе игра против соодветната селекција на Словачка во бараж-двомечот за пласман на Светското првенство (СП) в година во Германија. Тоа е епилогот по двомечот помеѓу Словачка и Украина, кој го доби Словачка со вкупен резултат 59-55. Во првиот меч на неутрален терен во Германија, Словачка славеше со 27-24, а на свој терен во неизвесен дуел загуби со 31-32 и со тоа се стекна со можност да игра против избраниците на селекторот Кирил Лазаров, кои важат за фаворити на овој двомеч за пласман на ракометниот Мундијал идната година. Словаците досега учествувале само на две СП, и тоа во 2009 година, кога биле 10-ти, и во 2011 година, кога го освоиле 17-то место. Првиот дуел од бараж-двомечот Македонија ќе го игра на гостински терен на 13 или 14 мај, а реваншот е во Скопје, на 16 или 17 мај. Македонија игра за осми настап на планетарните првенства во низа, а вкупно 10-ти во нејзината историја. Г.И.
































