Фото: ЕПА

Шефот на Националниот центар за борба против тероризмот поднесе оставка, станувајќи првиот висок функционер од администрацијата на Доналд Трамп кој се повлекува поради војната со Иран.

Во писмо објавено на социјалната мрежа „Икс“, Џозеф Кент наведе дека не може да ја поддржи тековната воена политика, оценувајќи дека Техеран не претставува непосредна закана за Соединетите Американски Држави. Според него, конфликтот бил поттикнат од надворешни притисоци, вклучително и од Израел, пренесе „Ројтерс“.

Дел од експертите посочуваат дека, според важечката законска рамка, за започнување воен ангажман е потребно постоење на директна закана за националната безбедност на САД.

Од Белата куќа засега нема официјален коментар, ниту пак од Канцеларијата на директорот на националното разузнавање.

Веста предизвика изненадување кај разузнавачките кругови. Кент важи за близок со директорката на националното разузнавање, Тулси Габард, која во изминатиот период не се огласува јавно по почетокот на конфликтот.

Габард последен пат се појави во јавноста за време на достоинствениот трансфер на американски војници загинати во конфликтот со Иран, без да даде официјални изјави.