Фото: МИА

Министерство за здравство информира дека е спроведено годишното усогласување на максималните цени на лековите за 2026 година, согласно важечката методологија за нивно формирање.

Министерот за здравство, Азир Алиу, посочи дека цените на лековите се клучен инструмент за обезбедување достапна терапија за граѓаните и одржливост на здравствениот систем, со директно влијание врз јавните здравствени расходи.

По направените анализи и преговори, утврдени се намалувања на максималните цени кај дел од лековите каде што постојат соодветни пазарни услови. Намалување е постигнато кај 156 оригинаторни лекови, 174 генерички лекови и 13 лекови од интервентен увоз.

Новите цени ќе почнат да се применуваат од 1 мај, по периодот во кој фармацевтските компании ќе ги усогласат цените во прометот на големо и мало.

Особено намалување е направено кај лекот Ксарелто (ривароксабан), кој се користи во третман на кардиоваскуларни заболувања. Кај овој лек цената во прометот на големо за таблетите од 15 и 20 милиграми е намалена од 2.307,48 на 1.606,10 денари, додека за таблетите од 10 милиграми од 824,10 на 589,45 денари.

Според министерот, оваа мерка ќе овозможи поголема достапност на терапијата за пациентите, особено ако се има предвид дека лекот често се набавувал од странство поради пониските цени.

Од Министерството најавуваат дека овој лек е приоритет за вклучување на позитивната листа за примарна здравствена заштита во текот на 2026 година. Предлогот веќе е доставен до Фонд за здравствено осигурување, со што се очекува дополнително намалување на трошоците за пациентите преку покривање на дел од цената од страна на државата.

Министерството потенцира дека останува посветено на креирање политики што ќе обезбедат квалитетна, достапна и одржлива здравствена заштита за сите граѓани.