фото: Маја јаневска-Илиева

На денешното рочиште за случајот со пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, сведочеше Маја Тимовска од Дирекција за заштита и спасување, која појасни дека сите субјекти во системот за заштита и спасување имаат законска обврска да изработат и достават четири клучни документи.

Станува збор за елаборат за заштита и спасување, правилник за заштита од пожари, процена на загрозеност од природни непогоди и други несреќи, како и план за заштита и спасување. Таа објасни дека елаборатот се доставува по електронски пат до Дирекцијата, додека останатите документи се изработуваат и се доставуваат до надлежните подрачни одделенија.

Тимовска нагласи дека позитивно мислење се издава само ако документацијата е комплетна, а во спротивно се даваат насоки за отстранување на недостатоците.

Во однос на конкретниот случај со објектот „Пулс“, таа рече дека не може да потврди дали потребните документи биле доставени, бидејќи тие се поднесуваат директно до подрачното одделение во Кочани.

Одговарајќи на прашања, таа потврди дека управителите на објектот имале обврска да ја достават целокупната документација. Дополнително појасни дека годишните програми за работа не содржат детални информации за инспекциските надзори по региони.

Во текот на рочиштето, јавната обвинителка побара да се разгледа претходен исказ на Тимовска даден во април 2025 година, поради одредени разлики со денешното сведочење.

На вкрстено испрашување, сведокот истакна дека методологијата за изработка на планската документација е донесена во периодот 2006–2007 година и оттогаш не е изменета. Таа додаде дека елаборатот за заштита од пожари е „круцијален документ“, кој ги дефинира мерките за превенција и претставува основа за сите други документи.

Претходно, како сведок беше сослушана и Верица Милевска-Стефановска од Комора за приватно обезбедување на Република Македонија, која зборуваше за процедурите за лиценцирање и обврските на обезбедувањето. Таа посочи дека требало да се реагира за присуство на малолетници по полноќ, а употребата на пиротехника ја оцени како сериозен безбедносен ризик.

Судењето е во фаза на доказна постапка и ќе продолжи на 19 март со сослушување нови сведоци на предлог на Обвинителството.

Пожарот во дискотеката „Пулс“ избувна на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК и претставува една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата.