Пожарот што попладнево избувна на градската депонија кај Алинци во прилепско е ставен под контрола, информираа од Општина Прилеп.
Веднаш по пријавата, на терен интервенирале екипи на Територијална противпожарна единица Прилеп, Дирекција за заштита и спасување, како и екипи од ЈКП Комуналец Прилеп и Водовод и канализација Прилеп. Во гаснењето на пожарот биле вклучени и механизација, работна сила и општествено одговорни компании.
– Пожарот во моментов е ставен под контрола, а екипите продолжуваат со активности за негово целосно гаснење и спречување на евентуално ширење на огнот – соопштија од општината.
Градоначалникот на Прилеп, Дејан Проданоски, апелираше до граѓаните да не шират непроверени информации на социјалните мрежи и да ги следат официјалните соопштенија од надлежните институции.
– Само со точни и навремени информации може да се избегне непотребна паника и да се обезбеди координирана реакција – посочи Проданоски.
По извршениот теренски увид бил одржан координативен состанок со Општинскиот штаб за заштита и спасување, на кој биле утврдени насоките за понатамошно делување на институциите. Поради безбедност во сообраќајот на патниот правец Прилеп – Битола, вечерва ќе биде зголемено присуството на сообраќајната полиција.
Надлежните најавуваат дека ситуацијата ќе се следи и во текот на ноќта, а активностите на терен ќе продолжат и утре.
Градоначалникот истакна дека овој настан уште еднаш ја потврдува потребата од трајно и системско решение за управување со отпадот, односно изградба на регионална депонија со современи стандарди, со цел заштита на животната средина и здравјето на граѓаните.
Ка.М.































