Во следните неколку дена времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. На одделни места врнежите ќе бидат пообилни, а поради продор на постудена воздушна маса на планините и на некои повисоки места ќе има услови дождот повремено да преминува во снег, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Според информациите од УХМР, утре времето ќе биде променливо облачно со локални врнежи од дожд, кои на места ќе бидат поинтензивни. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец, кој повремено ќе се засилува долж Повардарието. Минималната температура ќе се движи од -1 до 4 степени, додека максималната ќе биде меѓу 11 и 15 степени.
Во Скопје претпладне ќе преовладува облачно време, додека во попладневните часови ќе има услови за слаби врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4 степени, а максималната ќе достигне околу 13 степени.
Во среда и четврток ќе дува умерен, а на места повремено засилен ветер од источен и североисточен правец, додека од петок се очекува северен ветер. Дневните температури постепено ќе опаѓаат.































