Со длабока тага и почит, денеска во Центарот за култура „Бели мугри“ во Кочани се одржа комеморативниот настан „Ден на сеќавање – 16 март 2025“, посветен на жртвите од трагедијата во дискотеката „Пулс“. На годишнината од несреќата, семејствата, пријателите и граѓаните се собраа за да им оддадат почит на 63-те млади животи што трагично згаснаа, пренесе МИА.
Помината е една година од трагедијата, но болката и тагата не стивнуваат. Напротив, раните што ги остави овој настан остануваат длабоки и болни. На комеморацијата беше истакнато дека иако никој не можел да ги заштити од трагичната судбина, споменот за нив ќе остане жив засекогаш. Пораката што одекна од настанот беше дека тие денес се „чета ангели на небото“, а нивните најблиски и целата заедница ќе продолжат да се гордеат што ги имале како свои деца, браќа, сестри, роднини и пријатели.
Во емотивна атмосфера, пред присутните беа прочитани имињата на сите 63 жртви, со порака дека нивните животи и соништа никогаш нема да бидат заборавени.
-Почивајте во мир. Никогаш нема да бидете заборавени и ќе живеете во нашите срца – беше порачано на комеморацијата.
Салата во Центарот за култура „Бели мугри“ беше исполнета со тага и солзи, како нем сведок на прекинатите соништа и неиспишаните животни приказни. Беше истакнато дека во трагедијата се изгубени идни инженери, лекари, наставници, уметници, спортисти, програмери, но и идни мајки и татковци – генерација млади луѓе кои требало да ја градат иднината на општеството.
На настанот беше нагласено дека трагедијата не е само болка на семејствата, туку рана за целото општество. Таа потсетува колку животот е кревок и непредвидлив, но и колку е важно луѓето да останат сплотени, да си помагаат и да го следат доброто.
Комеморативниот настан беше организиран од Општина Кочани заедно со Здружението „16 март 2025 година – Кочани“, во соработка со Црвениот крст – Кочани, со цел да се оддаде почит и да се зачува сеќавањето на сите што ги загубија животите во оваа трагедија.































