Сто осумдесет и една година од смртта на големиот македонски просветител
- Кирил Пејчиновиќ во своето дело, со воведување на народниот јазик, но и со животот во кој доследно живеел живот на народен учител што подучува, оставил скапоцен придонес кон македонската книжевност и култура. Со просветителските идеи за собирање книжно наследство, за пишување и за печатење книги на јазик што ќе биде разбирлив за народот, тој станува голем културен деец на македонското просветителство. На 16 октомври 2022 година, Кирил Пејчиновиќ бил прогласен за светец од страна на Македонската православна црква, а како датум за негова прослава е определен 25 март
- Означувајќи го Пејчиновиќ како „првиот стихотворец во новата македонска литература“, Блаже Конески, врз основа на подробна научна анализа, констатира дека неговото дело е придонес кон македонската преродба во 19 век и оти го означува преминот кон творењето литература на македонски народен јазик
На 12 март се навршија 181 година од смртта на Кирил Пејчиновиќ–Тетоец (1771, Теарце – Лешок, 12 март 1845), македонски просветител, преродбеник и будител на македонската народна свест на месното македонско население. Тој е македонски просветителски автор и светец, кој сите свои дела ги напишал на народен јазик и заедно со Јоаким Крчовски го претставува првото поколение писатели на современата македонска книжевност.
Овој црковно-народен деец и игумен на Лешочкиот манастир „Свети Атанасиј“ ја напишал својата прва книга „Огледало“ во 1816 година, која била печатена во Будим. Во 1818 година дошол во родниот крај, во селото Лешок, и го обновил манастирот Св. „Атанасиј“. Во манастирските конаци отворил училиште, каде што поучувал и млади и стари. Тука ја збогатил и ја уредил библиотеката. Во слободните часови пишувал.
Освен „Огледало“, тој ги напишал и делата: „Утешение грешним“, „Житие кнеза Лазара“, како и „Епитафот“, кој е врежан на неговата надгробна плоча. „Огледало“ е требник, прирачна книга за свештениците, која ја користеле при вршењето на црковните обреди. Содржи неколку молитви и прозни текстови за различни обреди и една голема проповед – „Слово за празниците“. Молитвите и црковните текстови се напишани на црковнословенски јазик, а „Словото“ на македонски народен јазик – тетовски говор. „Утешение грешним“ содржински е продолжение на „Огледало“. „Епитафот“ е последно негово дело, но и прв обид да се изрази во стихови. Конески констатира дека неговото дело го означува преминот кон творењето на литература на македонски народен јазик.
Во статијата „Енциклопедија на македонската литература – автори и дела“, објавена на интернет-страницата на Институтот за македонска литература, се наведува дека десет години пред својата смрт Кирил Пејчиновиќ го напишал својот „Епитаф“, во кој со неколку реченици ја изнел својата биографија.
– Надгробниот натпис на Пејчиновиќ е составен од два дела: прозен и стиховен. Јазикот со кој се служи Пејчиновиќ, како и во неговите прозни дела, е тетовскиот дијалект со примеси на црковнословенскиот јазик. Во македонската наука, „Епитафот“ според формата е оценет како прва стихувана творба на македонски народен јазик, прв обид во новата македонска поезија – се укажува во оваа статија.
Означувајќи го Пејчиновиќ како „првиот стихотворец во новата македонска литература“, Блаже Конески, врз основа на подробна научна анализа, констатира дека неговото дело е придонес кон македонската преродба во 19 век и оти го означува преминот кон творењето литература на македонски народен јазик. Но бугарските фалсификати и негирања, насочени кон македонскиот јазик и културно-историското наследство на Република Македонија, не го одминуваат ниту Пејчиновиќ. Бидејќи на првата страница од книгата „Огледало“ стои дека е напишана „…ради потреби и ползованија препростејшим и не книжним јазиком болгарским долнија Мисии…“, Бугарската академија на науките и уметностите тврди дека тоа било „израз на националната освестеност на тогашните народни маси од Македонија како Бугари“.
Во својата книга „Водич низ словенските јазици“ (Guide to the Slavonic Languages), британскиот славист Реџиналд де Бреј не користи директна формулација дека Кирил Пејчиновиќ „не е Бугарин“, ниту се занимава со негирање туѓи тези, но го разгледува неговиот придонес во контекст на развојот на македонскиот јазик. Де Бреј е еден од првите западни слависти што во своите дела го признаваат македонскиот како посебен словенски јазик, различен од српскиот и бугарскиот.

Во делот на својата студија, посветен на македонскиот јазик, Де Бреј јасно го дефинира македонскиот како посебен јазик и во контекст на неговиот историски развој ги наведува делата на Кирил Пејчиновиќ и Јоаким Крчовски како рани примери на пишување на народен говор, кој претставува основа за она што подоцна ќе стане стандарден македонски јазик. Наспроти тоа што бугарската историографија го става Пејчиновиќ во периодот на бугарската преродба, Де Бреј го става неговото дело во периодот и развојната линија на македонската национална преродба, афирмирајќи го како македонски просветител што пишувал на јазик што е корен на денешниот македонски литературен стандард.
На 12 март 2026 година, Бугарската телеграфска агенција (БТА) во својот дневен календар „потсети“ на „Кирил Пејчиновиќ како клучна фигура на бугарското национална самосвест и како бугарски преродбеник“, осврнувајќи се на него како автор на „Огледало“ и неговата улога во „зајакнувањето на бугарската самосвест“. Бугарскиот портал „Трафик.њуз“, во својата рубрика „Урок по историја“, на 12 март ги истакна „придонесите на Пејчиновиќ во бугарското образование и литература“. Специјализирани фејсбук-страници за бугарско културно-историско наследство објавија комеморативни текстови за „активноста на Бугаринот Кирил Пејчиновиќ во Лешочкиот манастир“.
Токму затоа треба да се истакне дека Кирил Пејчиновиќ во своето дело, со воведување на народниот јазик, но и со животот во кој доследно живеел живот на народен учител што подучува, оставил скапоцен придонес кон македонската книжевност и култура. Со просветителските идеи за собирање книжно наследство, за пишување и печатење книги на јазик што ќе биде разбирлив за народот, тој станува голем културен деец на македонското просветителство. На 16 октомври 2022 година, Кирил Пејчиновиќ бил прогласен за светец од страна на Македонската православна црква, а за датум на негова прослава е определен 25 март.
Се заклучува дека Кирил Пејчиновиќ со својот македонски народен јазик, како духовник, црковно-народен деец, просветител и преродбеник на македонскиот народ од 19 век, припаѓа на македонското културно и духовно наследство, со што е редно Бугарите конечно да го одминат и да си продолжат со потрагата по своето етничко, јазично и духовно потекло.
Свето Тоевски































