Граѓаните на Кочани денеска им оддадоа благодарност на лекарите, медицинските тимови од земјата и странство, волонтерите, хуманитарците, амбасадите и државните институции кои учествуваа во спасувањето и лекувањето на повредените во пожарот во дискотеката „Пулс“, што се случи пред една година, пренесе МИА.
На централниот настан „Кочани ви благодари“, организиран по повод годишнината од трагедијата, градоначалникот на општината Владко Грозданов одржа емотивен говор, потсетувајќи дека во пожарот загинаа 63 лица, а 193 млади луѓе беа повредени.
-Денес стоиме со тешки, но благодарни срца. Тоа беше ноќ што засекогаш ќе остане во колективната меморија на нашиот град. Пожарот во „Пулс“ не беше само трагедија, туку судир со најтешките човечки страдања – рече Грозданов, додавајќи дека во тие драматични часови младите се соочиле со огнот и чадот, а медицинските тимови и спасувачите со огромна пожртвуваност се бореле за нивните животи.
Тој истакна дека токму во најтешките моменти Кочани почувствувало огромна поддршка од земјата и од странство. Болниците во државата и во повеќе европски земји ги отвориле своите врати за повредените, а медицинските тимови веднаш се ставиле на располагање.
Според Грозданов, во спасувањето биле вклучени амбулантни, полициски и армиски возила, како и хеликоптери и авиони кои ги транспортирале повредените кон болници каде што можеле да добијат соодветна медицинска грижа.
Тој нагласи дека Кочани никогаш нема да ги заборави редиците на граѓани кои дарувале крв, ниту пак луѓето кои носеле храна, вода и основни намирници и ги отвориле своите домови за семејствата на повредените.
-Од името на граѓаните на Кочани, на родителите и семејствата и на младите кои денес повторно учат да живеат – ви велиме едно големо и искрено благодарам. Благодариме за вашата храброст, пожртвуваност и за секој спасен живот – истакна Грозданов.
Во рамки на настанот, Општина Кочани додели благодарници на 36 болници од странство, како и на амбасади, државни институции и министерства кои помогнале во спасувањето и лекувањето на повредените. Претставник од болницата Пирогов му врачи симболичен клуч на градоначалникот Грозданов како знак на пријателство и солидарност.
На настанот присуствуваа и министрите Панче Тошковски, Игор Филков и Азир Алиу, како и претставници од повеќе институции кои на 16 и 17 март минатата година биле вклучени во транспортот на повредените и во поддршката на нивните семејства.
Манифестацијата „Кочани ви благодари“ беше заокружена со музичко-сценски настап на познатите уметници Симон Трпчески, Игор Дурловски и Зарина Прасевда.































