Мистична Македонија: Музеј под отворено небо
Фељтон на „Нова Македонија“ според документарните серии и филмови на продукцијата „Аристон“ и книгата „Mystical Macedonia: An Open Air Museum“, објавена на „Амазон“ од Никола Ристевски, магистер по маркетинг-менаџмент, публицист и продуцент
- Добре дојдовте во Македонија, земја на волшебни предели, богата историја и уникатни знаменитости. Во овој фељтон ќе ви ги претставиме природните ресурси, културното наследство и туристичкиот потенцијал на Република Македонија
Штом „сепак се врти“, и целава галаксија циркулира околу една, барем за нас, огнена топка, над стопати поголема од нашата Земја, далеку над сто милиони километри одовде и со тежина 333.000 пати поголема од истава Земја, и сè постои и живее поради енергијата од истата таа топка, веројатно е дека сонцето е најчистиот и најсилен извор за какво и да е човечко преживување.
По многу сончеви бури и ерупции, цели енергетски бранови што ја допреа Земјината топка, телевизиите пренесоа информација за експлозиите на сонцето. Ако, за многумина игнорирањето било благослов.
Светскиот мејнстрим спокојно ги прифати целата „њу ејџ“ револуција и теориите за светски заговор, древни и мистични учења и редови, друштва и организации; симболиката на истите тие не само што ни бодна в очи уште со филмови и музички пораки од минатиот век, та и денес, книгите, видеоспотовите и белосветските телевизии, кои емитуваат програма од различни научни сфери, сè почесто потсетуваат дека, сепак, некој нè набљудува, дека некој постојано нѐ гледа. Секаде се објавуваат научни трудови, мултимедијални проекти и различни продукти на човечкиот ум, инспирирани од трансформацијата на светот во кој живееме, промената на нивоата на свест, суд и созерцание, почитување на мајката природа и умерено употребување на благодатите од неа.
Низ цел свет, но не и во Македонија. Си се смееме и сами на себе за информациите со кои располагаме. Многумина, за да го потврдат она „зошто да е само лошо, кога може да е полошо“, во оптек пуштаат информации што и тоа како долеваат масло на огнот под зовриената манџа.
Како горе, така и долу, како е внатре, така и надвор – а дали е и обратно? Веројатно, бидејќи сепак имаме сетила, се случува да реагираме со тон на иронија или барем со промена на изразот на ликот кога ќе почувствуваме како некој свесно или не, се обидува да ни наметне некакво видување за целата таа енергија.
Секое човечко суштество располага со безброј таленти и благодати од природата. Без разлика дали е свесно за нив или не. Секој е надарен, штом е жив и дише, значи сепак постои како организам. Доколку ја спознаеме сопствената умешност, секако дека би можеле да се воздигнеме на повисоки нивоа, како општествени, така и духовни нивоа – за лично, а пред и над сè – за општо добро. За да работи ефективно и ефикасно, како и вештачките машини, така и човековиот мозок треба да се активира. Доколку се обидуваме да пораснеме на какво и да е ниво, веројатно изворот на енергија за лично надградување треба да е поголем за секоја наредна, повисока етапа. Сè што гледаме се само сенки, одбивања на светлината непоимлива за обичните ни очи.
Последниве години одеднаш се појавија нови, баш убави луѓе! Старите души, секако, дека си тлеат со вечниот оган и распалуваат други огнови кога за тоа има потреба. Сепак, некако наеднаш голем дел од рајата е со променети интереси. Додека сè погласно проповедаат дека не се важни парите, се крпат меѓу себе и газат преку живи луѓе за некаквиси цифри. Зборуваат за како тоа едните биле различни од другите, оти знаеле троа други работи, се прашуваат за бога, за ѓаола, за енергии… Сал Бог знае што правеле и прават далеку од оние што божем цел живот ги знаат. Не само кај бајачки, туку од поодамна беа почнале да одат и кај гуруа, вакви и онакви, „мудри учители“, да читаат книги што не можел секој да ги најде итн. И едните, и другите, и третите!
До пладне се мрази себеси, а потоа целиот свет! Тие последните веројатно не ни чекаат до пладне, од старт се мразат самите себе. Стариов муабет нема како а да не е сврзан со зенитот на сонцето напладне.
Очигледно е дека очите ни се изморени под свиените веѓи што душа делат и прават меѓи. Човечките очи се портата преку која сонцето го допира мозокот. Велат дека биле огледало на душата. Очите имаат повеќе функции, не се тука само за да „мислиме дека гледаме“. Капацитетот на очите, претежно од вода, сѐ уште е недоволно осознаен од нашата свест. Често ги затвораме, за да не нè допрат прашината и гадотијата од улиците, за да не гледаме што не ни одговара, за да не нè изгори „лошото, пеколно сонце“.
Секоја цивилизација има своја приказна за пеколниот портокал. Изворите на литература, со кои располага современиот свет, упорно докажуваат дека виножитото, сепак, е во окото, a не на небото. Како што човекот се усовршува во науката, креирајќи не само соларни панели туку и цели апарати, па и автомобили што работат на сончева енергија, така и реминисценцијата на древните, за нас мистични и окултни ритуали, поврзани со славењето и обожувањето на сонцето, полека, но сигурно, е посилна и нè потсетува за неговата чудесна енергија и моќ. Традиционално, луѓето преку храната добиваат енергија „од втора рака“, бидејќи самите растенија и нивната хранлива вредност се развиваат преку фотосинтезата за која е заслужна, пак, истата таа огнена топка. Што би било ако би можеле да се напојуваме не преку храната, ами директно од самото сонце? „Модерниот“ свет користи израз хелиотерапија. Како би звучело тоа на современ македонски?
Наутро, во првиот час на изгревање, и приквечер, во последниот час пред заоѓање, сонцето не лачи ултравиолетово зрачење, кое е опасно за нашите очи. Во тој период, древните народи зјапале во него, дали само како ритуал или и начин за канализирање, лечење, катализирање, хранење – тоа допрва ќе стане јасно. Индијците, како и некои индијански и африкански племиња, се жив пример за тоа како „суперкомпјутерот е напојуван од примарниот извор со обем на енергија доволна за негова регенерација и усовршување, како и за катализирање други, сродни машини“.
За нашиве древни, не знаеме. Додека старите спиеле во бившата држава, соседите со помош на оние што имаат кралства не само што истражиле на самото место, та и со пишан збор присвоиле сè што влече корен од овие простори. Па, сепак, она што во минатото и во сегашноста носеше и носи само несреќи, во иднина може да има позитивна страна. Тоа гледано од вашето дуално поларизирано плато. Игнорирањето е благослов. Судбината ни беше наклонета да преживееме на каков-таков начин. Ново сонце на слободата, 1991 година. За волја на вистината, наша задача е да ја сфатиме и искористиме оваа околност под сонцето.
Бидејќи нема ништо ново под сонцето, треба одново да го вратиме сјајот на битисувањето на овие простори. Генерациите со некоја брчка повеќе уште гласно велат „тоа е многу убаво, но не бива да се постигне“ и се соочени со младина што поради нивната поларизација има ектрасензорна перцепција и само едно за задача: она што е наложено од вистината. Немаме поим за темната страна на месечината, а сонцето изгреа и денес. Македонија е вистината.
продолжува
м-р Никола Ристевски
(Авторот е долгогодишен истражувач на македонските природни ресурси и културно наследство)
































