Фото: МИА

Буџетот на Македонија е ликвиден, средствата се обезбедени навреме, а постои простор и за дополнителни мерки доколку се покажат потребни, истакна министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, во гостување во „Само интервју“ на ТВ Канал 5.

 – Работевме посветено во изминатиот период и испорачуваме како што сме испланирале. Граѓаните можат да бидат спокојни, пари обезбедивме навреме, по многу поволни условите, а Еврообврзницата што ја издавме има убедливо најниска камата – нагласи министерката.

Димитриеска-Кочоска додаде дека растот на Бруто домашниот производ е позитивен сигнал, бидејќи јавниот долг се пресметува како процент од БДП, па поголемиот раст значи намалување на јавниот долг и отворање простор за дополнително задолжување доколку е потребно.

 – Важна е целокупната фискална политика. Дел од помошта може да се реализира преку намалување на акцизи и даноци, што значи намалени приходи во буџетот, но простор за реакции има –  додаде таа.

Министерката нагласи дека ефектите од актуелните економски политики ќе се почувствуваат подоцна поради временското задоцнување во економијата, при што растот бара континуитет во повеќе години.

Во однос на проекциите за приходи, Димитриеска-Кочоска рече дека не се преоптимистички и истакна дека реализацијата за 2025 година изнесува 95,91%, што е слично на 95,81% во 2017 година. Во расходната страна, рече дека нема нереализирани расходи, а сите обврски, вклучително и капиталните расходи, се исплатени редовно.

 – Сè што стигнува како налог во Трезорот се исплаќа редовно и согласно упатствата –  појасни министерката за финансии.