На сцената на театарот „Војдан Чернодрински“ (Сцена 105) при НУЦК „Марко Цепенков“ се поставува текстот „Саатот“ од Лидија Митоска-Ѓорѓиевска, во режија на Кристина Димитрова. „Саатот“ е интимна трагикомедија со апсурдни и постмодерни драматуршки елементи.
– Двајца актери на сцена ќе ги играат лицата на Вера и Јован, плус уште еден актер/музичар ќе го игра персонифицираниот ѕиден часовник. Улогата на часовникот ќе биде да покаже повеќе аспекти од животот на новото време. Но што е време? Времето е она што часовниците го мерат, рекол еднаш Ајнштајн. Информациите за времето го кажуваат времетраењето на настаните и кога тие се случуваат, или кои настани се случуваат пред кои други. Времето игра многу значајна улога во структурата на универзумот, вклучувајќи ја и структурата на нашиот личен живот. Сепак, има многу нерешени прашања, и филозофски и научни. Ќе пробаме да навлеземе во таа суштина на времето, преку ритамот на СААТОТ. Дали времето е музиката на животот? Јован ѝ е маж на Вера. Како што го опишува писателката Митоска, тој е ведар, опуштен и исполнет човек што наоѓа задоволство во малите нешта. Вера, од друга страна, ниту може да дејствува и да ја промени својата состојба во општеството што се распаѓа, ниту може да се помири и да најде спокојство во својот мирен „нормален“ живот. Распаѓањето на општеството го симболизира распаѓањето на животот… – вели режисерката Димитрова.
Сопругот и сопругата имаат различно психолошко време во себе и во нив се наоѓа различен часовник што свири различна музика, иако Вера живее со партнерот во разбирање и љубов. Но се случува дека ништо не се менува, а кога нема промени, времето не ја гледа и чувствува. Вера се чувствува заглавена во секојдневните рутини, секој ден ѝ е ист и гледа како животот ѝ минува без вистински да го живее. Постојано го убедува да заминат и да почнат нов живот, но за Јован тоа е неприфатливо. Саатот го следи секој нејзин чекор и буквално ѝ ги брои секундите, поточно, ѝ ги одбројува. Тој часовник чука во неа. Вера и Јован живеат во различно време, во различно темпо. Нивните души не можат да се пронајдат во нивното субјективно гледање на животот.
– Оваа пиеса обработува голем број социјални и филозофски теми низ лесен дијалог и едноставно дејство. Започнува во јавето, а завршува некаде меѓу јавето и сонот. Репликите се кратки и напишани на едноставен разговорен јазик. Ќе се почувствуваат осаменоста, времето, двете души во времето и ќе пробаме да го слушнеме нивниот ритам. Секако и темата за распад на душата и распад на општеството ќе игра клучна улога во концептот и идејата на самата претстава – додава Димитрова.
Во претставата ќе играат: Димитар Ѓеорѓиевски, Наташа Ачански и Филип Јездиќ. Костимографијата и сценографијата ќе ги работи Благој Мицевски, а музиката е на Филип Јездиќ и Томе Темелкоски. Претставата е поддржана од Министерството за култура и туризам и премиерно ќе биде прикажана на почетокот на април. Ka.M.































