Фото: Доријан Миловановиќ
  • Со одлука на Меѓународната кинолошка федерација, за условно признавање на македонското овчарско куче-Караман, Македонија официјално доби автохтона овчарска раса со меѓународна валоризација. Претседателот на Кинолошкиот клуб „Македонско овчарско куче-Караман“, Илија Каров, смета дека ова е историски момент за Македонија, со оглед на тоа што во светот се признаени само 340-360 раси на кучиња

Во високите и сурови предели на македонските планини со векови чекори еден тивок, но моќен чувар – македонското овчарско куче Караман. Ова автохтоно куче претставува дел од сточарската традиција и културното наследство на Македонија, симбол на верност, храброст и издржливост.

Потеклото на караманот се врзува со старите пастирски кучиња што ги чувале стадата овци од волци и други предатори. Најчесто бил присутен во планинските региони како Шар Планина, Бистра и Кораб, каде што суровата клима и тешките услови придонеле за создавање силно и отпорно куче со густа и долга волна.

Со одлука на Меѓународната кинолошка федерација, за условно признавање на македонското овчарско куче-Караман, Македонија официјално доби автохтона овчарска раса со меѓународна валоризација.

Претседателот на Кинолошкиот клуб „Македонско овчарско куче-Караман“, Илија Каров, смета дека ова е историски момент за Македонија, со оглед на тоа што во светот се признаени само 340-360 раси на кучиња.

– Ова е историски момент за македонската кинологија, но и за националниот идентитет во поширока смисла. Признавањето од Меѓунродната кинолошка федерација значи дека расата е научно и институционално верифицирана како автохтон македонски генетски ресурс. Не станува збор само за куче, туку за живо културно наследство – смета Каров.

Фото: Доријан Миловановиќ

За да се дојде до овој сериозен исчекор, претстоела напорна работа, истражување и подготовки.

– Процесот траеше со години. Вклучуваше теренски идентификации, две големи зоотехнички мерења на целата територија на државата, изработка на професионален расен стандард, генетски анализи, рендгенски снимања на приплодното множество и евалуација од стандардната и научната комисија. Без научна дисциплина, ваков резултат е невозможен – вели Илија Каров.

Фото: Доријан Миловановиќ

Караманот е големо и моќно куче, со тежина која најчесто се движи од 35 до 50 килограми, а понекогаш и повеќе. Неговото крзно е густо, долго или полудолго, најчесто бело со темни дамки, иако има и целосно бели примероци. По карактер е мирен и приврзан кон семејството, но исклучително внимателен и недоверлив кон странци. Поседува силен инстинкт за заштита и способност самостојно да носи одлуки при одбрана на стадото. Неговата основна улога низ историјата била чување овци од волци и мечки, заштита на имотот и придружба на овчарите во планините. Често работел самостојно во текот на ноќта, кога опасноста била најголема. Овчарите му верувале безрезервно, знаејќи дека нивното стадо е безбедно.

– Караманот е функционална овчарска раса со силна коскена структура и стабилен темперамент. Тој не е агресивен без причина, но е одлучен чувар. Генетските анализи потврдија дека станува збор за посебна популација, различна од другите балкански овчарски типови. Тоа беше клучно за меѓународното признавање – раскажува Каров.

Тој вели дека популацијата на ова куче расте, а интересот за него особено е зголемен по признавањето, меѓутоа стратегијата на кинолошкиот клуб „Македонско овчарско куче-Караман“ е фокусирана на конторлирана селекција и нивната цел не е масовност туку стабилен и здрав генетски фонд.

– По презентациите на европските изложби – во Белград, Будимпешта, Загреб, Цеље – интересот од странство значително се зголеми. Сепак, приоритет останува стабилизација на матичната популација во Македонија – вели Каров.

Фото: Доријан Миловановиќ

Караманот во минатото бил составен дел од македонските домаќинства – чувар на стадото и на домот. Неговата застапеност на фрескоживописот во манастирите сведочи дека не бил само работно животно, туку и културен симбол.

– Денес, караманот треба да нè потсетува дека имаме обврска кон сопственото наследство – вели Каров.

Сега мораме да ја чуваме расата со научна строгост и со љубов.

– Караманот не ѝ припаѓа на една генерација или на еден човек, тој ѝ припаѓа на Македонија – порачува Илија Каров.

Иако современиот начин на живот ја намалил традиционалната улога на пастирските кучиња, караманот останува жив сведок на едно време кога човекот и кучето заедно ја делеле планинската тишина и борбата за опстанок. Неговата појава и денес буди почит – како чувар, како симбол и како дел од македонската рурална историја.