Фото: ЕПА

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека конфликтот со Иран започнал откако иранските власти започнале изградба на нов објект за производство на материјали наменети за нуклеарно оружје.

Според него, новата постројка требало да ги замени објектите што САД ги бомбардирале претходната година.

-Тие почнаа да градат друг објект – различен тип постројка, заштитена со гранит –  изјави Трамп.

Тој оцени дека Техеран се обидувал да ја искористи растечката закана од балистички ракети за да го отежни спречувањето на развојот на нуклеарно оружје.

Трамп изрази и незадоволство од изборот на Моџтаба Хаменеи за наследник на врховниот лидер на Иран, Али Хаменеи. Според него, ваквата промена би значела дека ситуацијата во земјата ќе остане речиси непроменета.

Американскиот претседател посочи дека не е соодветно да коментира дали новиот лидер би можел да стане цел на напад, како што, според него, се случило со неговиот татко.

Трамп упати и предупредување дека САД ќе реагираат силно доколку Иран се обиде да го блокира транспортот на нафта низ Ормускиот теснец.

-Доколку Иран го запре движењето на нафта низ Ормускиот теснец, САД ќе одговорат дваесет пати посилно од досега – напиша Трамп на социјалните мрежи, пренесе МИА.

Тој предупреди дека американските сили би можеле да погодат „лесно ранливи цели“, што, според него, сериозно би ја ослабнало способноста на Иран повторно да се опорави како држава.

Трамп изјави и дека администрацијата разгледува можност за ублажување на санкциите за извозот на руска нафта и ослободување на дел од американските стратешки резерви со цел да се намали притисокот врз глобалните цени на енергенсите.

Воедно, се разгледува и ублажување на санкциите за одредени земји со цел стабилизирање на светскиот нафтен пазар, без да бидат изнесени дополнителни детали.

Според Трамп, воените операции ќе продолжат сè додека Иран не биде „целосно и решително поразен“, но тој изрази уверување дека конфликтот може да заврши релативно брзо.

-Ова е почеток на создавање нова држава – изјави Трамп, одговарајќи на прашање дали војната е при крај или штотуку започнува.

Тој додаде дека не сака Иран да се соочи со сценарио слично на она во Ирак, каде по распуштањето на државните институции се појави екстремистичката група Исламска држава.

Американскиот претседател нагласи дека со потпретседателот Џеј Ди Венс имаат заеднички ставови околу прашањата поврзани со Иран, иако Венс е, како што рече, „можеби малку помалку ентузијастички настроен“ кога станува збор за воена интервенција.