Интегрирана настава во ООУ „Миѓени/Братство“ во Тетово
- Работејќи во три групи, учениците создадоа три прекрасно обликувани труда, кои денес го красат нашето училишно катче. Радоста беше искрена и гласна, затоа што почувствуваа дека можат да бидат идни автори, истражувачи и творци. Ваквите часови имаат непроценлива вредност: психолошко-емотивна, творечко-креативна и поттикнувачка, бидејќи будат истражувачки и натпреварувачки дух. Токму во вакви денови учениците не само што учат туку создаваат, сонуваат и веруваат во сопствениот глас, вели наставничката Славица Дабевска Ќировска
Мајчиниот јазик беше инспирација за реализирање креативен ден со интегрирана настава кај петтоодделенците од ООУ „Миѓени/Братство“ од Тетово, за чија успешност придонесе нивната наставничка Славица Дабевска Ќировска.
Книги создадени од детски раце
– Во наставата по македонски јазик учениците пишуваа мисли, цитати и кратки творби, обидувајќи се да ја доловат силата на мајчиниот збор.
Секој напишан ред беше сведоштво дека јазикот не е само средство за комуникација туку дом на идентитетот и огледало на душата. Поетската искра продолжи да гори и на изборниот предмет – Поезија, каде што никнуваа млади поети. Во нивните стихови се слушаа ритамот на татковината, топлината на мајчиниот глас и љубовта кон пишаниот збор. Одекнуваше мислата на Блаже Конески дека јазикот е нашата единствена целосна татковина, а учениците со своите стихови покажаа дека ја чувствуваат таа вистина – ни рече наставничката Славица Дабевска Ќировска.
По математика, темата доби поинаква, но еднакво значајна димензија. Се поставуваа логичко-математички проблеми инспирирани од мајчиниот јазик – задачи во кои зборовите стануваа броеви, а буквите – симболи за размислување. Преку решавањето дојде до израз логичкото-когнитивното мислење на учениците, кои докажаа дека јазикот и математиката не се спротивности, туку сојузници во потрагата по знаење.
На часовите по историја и општество се согледуваше развојот на македонскиот јазик низ времето – како сведок и чувар на културната меморија.
Ликовното образование ја заокружи целината со изработка на корици на иста тема. Во боја и форма се преточија емоциите, па од таа креативна енергија произлезе идејата сите изработки да се обединат во книга – прва заедничка книга, создадена од учениците.
– Работејќи во три групи, тие создадоа три прекрасно обликувани труда, кои денес го красат нашето училишно катче. Радоста беше искрена и гласна, затоа што почувствуваа дека можат да бидат идни автори, истражувачи и творци. Ваквите часови имаат непроценлива вредност: психолошко-емотивна, творечко-креативна и поттикнувачка, бидејќи будат истражувачки и натпреварувачки дух. Токму во вакви денови учениците не само што учат туку создаваат, сонуваат и веруваат во сопствениот глас – подвлекува наставничката Славица.
Заокружување на едно долго и успешно патување
Овој ден секако долго ќе го паметат овие петтоодделенци, но ќе остави и длабока трага кај нивната наставничка. Ова е нејзина последна генерација ученици што од неа се водени од почетокот до крајот по патеките на знаењето и воспитувањето. Нејзе ѝ остануваат уште неколку години до пензионирањето, што значи дека првоодделенците што ќе ги учи оваа есен нема да имаат можност да станат петтоодделенци со истата нaставничка.
Славица Дабевска Ќировска е препознатливо име во македонското образование и во македонската книжевност. Таа е дипломиран педагог, долгогодишен наставник во ООУ „Братство/Миѓени“ во Тетово и претставува пример за посветен и професионално изграден наставник со богато искуство во воспитно-образовната дејност. Нејзината стручност е потврдена и преку учество на научни и стручни собири, каде што настапува како реализатор, предавач и ментор, особено во областа на математиката со размислување во почетните одделенија. Во текот на повеќедецениската работа, учениците под нејзино менторство континуирано постигнуваат високи резултати на натпревари по математика и природни науки, вклучувајќи: општински и регионални и државни натпревари, при што редовно освојуваат награди и признанија од 1992 година наваму. Овие резултати се доказ за посветеност, методичка подготвеност и способност да ги мотивира учениците кон извонредност.
Како авторка пишува поезија и проза. Досега ги има објавени следниве стихозбирки современа поезија: „Булки покрај пругата“ (2011), „Венчаница“(2012), „Душа која грее“(2012), „Само ѕвездите знаат“(2013), како и романите „Зелениот капут“ (2016) и „Срна“ (2022 г.).

































