фото: Маја јаневска-Илиева / Илустрација

На денешното рочиште за пожарот во дискотеката Пулс, сведочеше вработена во подрачното одделение на Дирекција за заштита и спасување во Кочани, која изјави дека во службата никогаш не била примена документација поврзана со дискотеката.

Сведокот, која работи во подрачното одделение од 2019 година, појасни дека нејзината работа се состоела во прегледување документација доставена од управители на фирми, како правилници за заштита од пожари и опасни материи, согласно Законот за заштита и спасување.

На прашање дали во рамки на нејзините работни задачи била примена документација поврзана со дискотеката „Пулс“, таа одговори негативно.

Таа исто така посочи дека во подрачното одделение во Кочани, откако е вработена, немало инспектор за заштита и спасување, ниту пак ѝ е познато дека претходно постоел таков кадар.

Сведокот објасни дека инспекторите се тие кои треба да ја проверуваат фактичката состојба на терен врз основа на доставената документација, додека нејзината работа била ограничена на административна проверка на документите што ги доставуваат управителите на објекти.

Во однос на кадровската состојба во подрачното одделение, таа изјави дека во периодот од 2022 до 2024 година во службата работеле само две лица – таа и архиварка, а од 2024 година останала единствен вработен.

Сведокот посочи дека лично не се обратила до раководството на институцијата за недостигот на кадар, бидејќи, како што рече, во дирекцијата имаат увид во бројот на вработени во сите подрачни одделенија. Кога било потребно, за увид или контрола доаѓале службеници од други одделенија.

Во сведочењето беше посочено и дека елаборатите за заштита и спасување при изградба или пренамена на објекти ги подготвува инвеститорот или проектантот, а документацијата ја доставува општината преку системот за издавање градежни дозволи, при што ДЗС има рок од пет дена да се произнесе.

На истото рочиште започна и сослушувањето на сведокот Трајче Димишковски, вработен во Дирекција за безбедност на класифицирани информации, кој во периодот од 2023 до август 2025 година работел и во агенцијата за обезбедување Рубикон. Неговиот распит беше прекинат и ќе продолжи на следното рочиште, по барање на одбраната која побара време да се запознае со неговиот претходен исказ даден во Обвинителството.

На судењето сведочеше и вработена од сметководствено биро кое соработувало со агенцијата „Рубикон“, која изјави дека не видела материјален доказ за деловна соработка меѓу дискотеката „Пулс“ и агенцијата.

Дополнително, сведокот Горан Игновски, кој се занимава со продажба и сервис на опрема за настани, изјави дека околу година и пол пред трагичниот настан им продал опрема – бокс за далечинска активација и прскалки – на Панчо и на член на групата ДНК.

Судењето го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители. Следното рочиште е закажано за 12 март.

Пожарот во дискотеката „Пулс“ избувна за време на настап на групата ДНК и се смета за една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата. Со процесот продолжува доказната постапка со изведување сведоци предложени од Обвинителството.