Фото: МЕРМС

За земјите од регионот енергетските интерконекции и модерните електроенергетски мрежи не се само дел од зелената транзиција, туку се клучни за енергетската безбедност, економската конкурентност и интеграцијата со европскиот енергетски пазар, порача министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска во своето обраќање на министерскиот панел на високиот настан „Electricity, Digital and Regional Interconnectivity in South East Europe“, кој се одржа во Солун, Република Грција.

Со настанот во Солун, кој собра министри и високи претставници од земјите од регионот, како и претставници на ОЕЦД и европските институции, со цел да се дефинираат приоритетите за модернизација на електроенергетската инфраструктура, подобра регионална интеграција на пазарите на електрична енергија и забрзување на зелената и дигиталната транзиција, официјално започна новиот проект на ОЕЦД за унапредување на електроенергетската поврзаност, дигитализацијата и регионалната соработка во Југоисточна Европа, пренесе МИА.

– За земјите од Западен Балкан посилните електроенергетски интерконекции и паметните мрежи се од суштинско значење. Тие обезбедуваат стабилност на системите, поголема размена на електрична енергија и услови за поголема интеграција на обновливите извори – истакна Божиновска во своето обраќање.

Министерката, како што информираат од нејзиниот Кабинет, нагласи дека Македонија активно работи на неколку клучни проекти за регионално поврзување на електроенергетските системи. Меѓу нив е интерконекцијата Битола – Елбасан со Албанија, за која се очекува градежните активности на македонската страна да започнат во март, со рок за реализација од околу 30 месеци.

Истовремено, активно се работи на зајакнување на исток–запад електроенергетскиот коридор во Западен Балкан, кој ќе го поврзе нашиот систем со Косово и ќе овозможи подобрена преносна способност и поголема стабилност на регионалниот електроенергетски систем.

Божиновска посочи и дека се работи на унапредување на постојната интерконекција Битола – Мелити со Грција, за која веќе е обезбедена техничка поддршка од Western Balkans Investment Framework, како и на новата интерконекција Струмица – Сандански со Бугарија, која е дел од пошироката регионална инфраструктура за електроенергетска поврзаност.