Од ракометното минато (14)
- Зафир Куновски и Драган Геровски-Дале, во годините кога ракометот бележеше голем подем, ги бранеа боите и на државната репрезентација. РК Работнички повлече една лавина млади луѓе да се занимаваат со овој спорт. Скопјани потпомагаа и во формирањето на другите клубови низ Македонија
Ракометниот клуб Работнички, кој беше главен промотор на ракометот во Македонија, прво на големиот, а потоа и на малиот, стана пример за тоа дека ако се сака нешто, може да се успее. И не само тоа, за да има поголема конкуренција и да биде поинтересно, „железничарите“ потпомагаа за формирање други клубови низ Македонија. Со еден збор, ентузијазмот од Работнички, без никаква љубомора, туку со љубов, беше пренесуван и низ другите градови и поголеми населени места во Македонија.
По оние почетни години, кога малиот ракомет стана многу популарен, се наметна потребата тој да биде внесен и во училишната програма за часовите по фискултура. Насекаде низ Републиката никнуваа ракометни игралишта, а училишните дворови и онака не беа користени за ништо друго, освен повремено играње фудбал, сега се претворија во полигони за играње мал ракомет. Тоа, пак, од друга страна, за да може актерите во новата игра да се развиваат и да добиваат искуство, ја наметна потребата од одржување што повеќе меѓуучилишни натпревари. Така, се почувствува едно големо раздвижување во ракометниот спорт, кое ги охрабри спортските работници што настојуваа да најдат што повеќе форми за натпревари низ кои би се калеле младите ракометари. Сето тоа придонесе на сцена да се појават вистински асови, кои потоа на сојузно и на меѓународно ниво ја афирмираа својата Република. Веќе пишував за творецот на ракометот кај нас, Славко Матовски, кој уште кога почна да се игра големиот ракомет на просторите на поранешната држава, настапувајќи за екипата на ДИФ од Белград, каде што беше и прв студент од Македонија, го привлече вниманието на стручњаците и заигра за репрезентацијата на Југославија.
Се сеќавам на зборовите на покојниот Матовски, кој многу години подоцна, евоцирајќи ги спомените за своите спортски почетоци, знаеше често да каже оти за секој спортист во 20-милионската држава, настапот за националната репрезентација беше како да си постигнал врвен спортски резултат или освоил трофеј. Затоа, имињата на оние што во повоените години изборија место во националниот тим треба да се запаметат. Ако сите го запаметија, на пример, името на легендарниот фудбалер Кирил Симоновски-Џина, кој настапуваше за Југославија пред, а и по Втората светска војна, кога беше и капитен, треба да се запаметат и оние што станаа репрезентативци и во другите спортови. Овде пред сѐ мислам на атлетичарот Лазо Милошевски, кој во 1950 година настапи на Европското првенство во Брисел на 400 метри и во штафетната трка 4 пати по 400 метри, а треба да се запаметат и имињата на двајцата ракометари што ги бранеа боите на тогашна Југославија. Прво националниот дрес во голем ракомет, покрај Матовски, го облече и Драган Геровски-Дале, кој беше еден од клучните играчи во тимот, а неколку години подоцна во државната репрезентација во мал ракомет заигра и Зафир Куновски. Интересно е дека Куновски во годините додека беше активен играч, од 1954 до првите години на следната декада, беше прогласуван и за најдобар ракометар во Македонија, а се наоѓаше и на списокот на најдобрите десет македонски спортисти. Истото ова се однесува и за Дале, кој, пак, пред него ги заземаше оние позиции што сега му припаѓаа на Зафир Куновски. Нема сомнение оти навистина стануваше збор за две спортски легенди што имаа голема заслуга за афирмацијата на ракометот во Македонија.
РК Работнички – клуб со многу асови
Кога веќе ги споменувам овие двајца, ќе биде добро да се потсетиме на имињата и на другите квалитетни ракометари, без чија посветеност кон ракометот овој спорт не ќе можеше толку брзо да стане популарен и да напредува во нашата средина. Со оглед на тоа што Работнички стана редовен учесник на турнирите за државен првак, а потоа и учесник во југословенскиот куп, благодарение на зачуваната документација, пред сѐ од Славко Матовски, ќе може да се потсетиме и на имињата што придонесоа клубот да стана фактор во спортското живеење кај нас. Покрај незаменливите Славко, Дале и Зафир, еве ги и другите имиња на тогашниот Работнички, за кои верувам дека со ова споменување ќе ги разбудат емоциите и кај семејствата од кои потекнуваа, а истовремено ќе ги направат горди нивните потомци што меѓу себе имале познати спортски асови. Впрочем и мојата цел во овој ракометен серијал е да не ги заборавиме луѓето што навистина имаа голем придонес во развојот не само на Работнички туку воопшто на ракометот во Македонија.
Па, еве ги сите оние од кои некои подолг, други пократок период, но, сепак, го носеа дресот на РК Работнички. Славко, Дале и Зафир веќе ги споменав, па списокот го продолжувам со набројување на сите други ракометари: Душко Ивановски, Љупчо Богдановски, Стефан Тодоровски-Цефи, Бранко Димитровски, Тихомир Михајлов, Никола Цветковски, Богдан Јелачин, Мице Шиљегов, Никола Матовски (помлад брат на Славко), Илија Атанасов, Никола Лазаров, Томислав Соколов, Раде Десовски, Методија Георгиевски, Бошко Загорац, Душко Манасиев, Спасе Дамјановски и Тошо Тодоровски. Сите горенаведени дадоа голем придонес не само за РК Работнички туку воопшто за кревањето на квалитетот на ракометниот спорт. Тие ги удрија неговите темели и како резултат на тоа денес ракометот е спорт со кој се гордееме. Инаку, кон ракометарите со голем респект во тие години гледаа и спортските новинари, па, така, во првата ранг-листа на најдобрите спортисти во Републиката, објавена во „Нова Македонија“, во 1955 година, меѓу десеттемина се најде и ракометарот на годината, Драган Геровски-Дале.
Во градската лига прв трофеј за Графичар
Веќе споменав оти низ Македонија, а особено во Скопје, се појавија многу ракометни клубови. Но, за главниот град беше карактеристично што во годините од 1955, па некаде до 1961 година, Работнички доби голем конкурент во екипата на Графичар. И порано напишав оти „графичарите“ им се заканија на „железничарите“, а дека навистина беше така се потврди во 1956 година, кога Работнички првпат загуби еден трофеј. На градското првенство, на изненадување на дебармаалци, овој пат приматот им го одзеде екипата на Графичар. Иако во натпреварите на градската лига Работнички некако беше најконстантен, сепак, на крајот не можеше да се израдува на нов триумф. Причина за тоа беше неочекуваниот пораз во вториот дел од натпреварите токму од екипата на Графичар, која во првиот круг уверливо беше совладана со 17-10. Патот на „графичарите“ кон нивниот прв триумф беше отворен по нерешената игра на Работнички со екипата на Средното фискултурно училиште. Така, Графичар со еден бод повеќе од Работнички беше на првата позиција. Трета беше екипата на Гимназијалец, а потоа следуваа Фискултурното училиште, Борец и Партизан 7.
Истата година, по повод Денот на железничарите, 14 април, во Скопје се одржа еден двомеч помеѓу Работнички и нишки Железничар. Двата клуба, кои беа под патронат на Железницата, и претходно одржуваа контакти, а често се среќаваа и на првенствата за првак на Југославија. Меѓутоа, овој пат беше поинтересно, зашто и едните и другите на дуелот настапија и со своите женски екипи. Ова беше убава можност и за гледачите да проследат и една средба во женски ракомет, која заврши без победник, 6-6. Во машкиот дуел, Работнички победи со 20-13, но мора да се спомене оти нишлиите во овој период повеќе беа ориентирани на големиот одошто на малиот ракомет. Со Работнички, пак, ситуацијата беше поинаква, бидејќи клубот се посвети само на малиот, а во големиот беше прашање дали екипата ќе одигра еден или два натпревара во годината. Кај нас, пак, веќе подолго време малиот ракомет имаше комплетна доминација.
Настап на сојузниот турнир во Бује
Откако веќе Работнички застана на цврсти нозе, а по него тргнаа и другите клубови што беа формирани во македонските градови, немаше сомнение оти ракометот полека, но сигурно, го најде своето место во нашата средина. Во тоа време се одигруваа многу пријателски натпревари, а се организираа и турнири на ниво на целата држава. Еден од таквите турнири се одржа и во Бује, Истра, на кој како гостин беше поканет и Работнички. Тоа беше уште една потврда дека кон скопскиот клуб и воопшто кон македонскиот ракомет се гледаше со респект. За да се види оти домаќините не згрешија што го поканија скопскиот клуб (чии ракометари требаше да поминат до Бује и назад околу 2.000 километри), токму Работнички во една силна конкуренција го освои првото место, пред Вировитица, Железничар, Одред, Бује и Локомотива. Со овој триумф многу се крена и рејтингот на нашиот ракомет на просторите на поранешната држава. Повеќе немаше дилема дека скопјаните, заедно со другите квалитетни клубови од Македонија, ќе чекорат само напред кон една светла иднина, па ќе стигнат и до Првата сојузна лига.
Колку младите ракометари беа загреани за овој спорт потврдува и податокот што иако немаа никаков одмор, веќе следниот ден по враќањето од Бује заминаа за Кавадарци да учествуваат на првиот квалификациски турнир за републички првак. Таму имаа два настапа и две победи против Тиквеш и Партизан (Гостивар) и обезбедија пласман за финалниот турнир на кој ги очекуваше лутиот противник Графичар.
































