Фото: Министерство за надворешни работи на НР Кина

Министерот за надворешни работи на Кина, Ванг Ји, повика на итен прекин на огнот и запирање на непријателствата поврзани со ситуацијата во Иран, оценувајќи дека конфликтот може дополнително да ја дестабилизира меѓународната сцена.

На денешната прес-конференција, Ванг Ји изјави дека ставот на Кина е објективен и непристрасен и дека приоритет е да се спречи понатамошна ескалација на конфликтот. Тој предупреди дека војната на Блискиот Исток не носи решение и може само да предизвика нови кризи, пренесе Министерството за надворешни работи на Кина.

 – Историјата на регионот покажува дека силата не нуди решение, а вооружените конфликти ја продлабочуваат омразата и создаваат нови проблеми – нагласи кинескиот министер.

Ванг Ји истакна дека за стабилизирање на ситуацијата неопходно е да се почитуваат неколку клучни принципи:

Првиот е почитување на националниот суверенитет. Според него, суверенитетот е темел на меѓународниот поредок и мора да се почитуваат безбедноста и територијалниот интегритет на Иран и на сите земји од регионот на Заливот.

Вториот принцип е отфрлање на злоупотребата на сила. „Моќта не значи право, а законот на џунглата не смее повторно да владее со светот. Цивилите се невини и не треба да бидат жртви“, нагласи тој.

Трето, Кина повикува на немешање во внатрешните работи на државите. Според Ванг Ји, народите од Блискиот Исток треба самите да ги решаваат регионалните прашања, а обидите за предизвикување таканаречени „обоени револуции“ или промена на режими нема да добијат поддршка од јавноста.

Како четврти принцип тој го посочи промовирањето политички решенија за конфликтите. Кина смета дека сите страни треба што е можно побрзо да се вратат на преговарачката маса и преку дијалог да ги надминат разликите.

Петтиот принцип се однесува на улогата на големите сили, кои, според него, треба да придонесат за мир и стабилност и да дејствуваат во духот на правдата и одговорноста.

Тој додаде дека земјите од регионот треба самостојно да ги решаваат своите прашања, а големите сили треба да придонесат за мир и стабилност наместо за ескалација на тензиите.

Кина, како што нагласи Ванг Ји, е подготвена да соработува со државите од Блискиот Исток за спроведување на Иницијативата за глобална безбедност, со цел враќање на стабилноста и мирот во регионот.