Турција го задржува правото да одговори на непријателски дејства откако балистичка муниција испукана од Иран била детектирана како се движи кон турскиот воздушен простор, соопшти претставник на турското Министерство за национална одбрана, објави турската агенција „Анадолија“.
Портпаролот на Министерството, контраадмиралот Зеки Актурк, изјави дека муницијата испукана од Иран вчера била пресретната и неутрализирана од единиците за воздушна и ракетна одбрана на НАТО во источниот дел на Средоземното Море.
– Турција ја одржува својата решителност и капацитет на највисоко ниво за да ја обезбеди безбедноста на своите граѓани и на својот воздушен простор, додека истовремено продолжува да води одговорен пристап што го става во преден план зачувувањето на регионалниот мир и стабилност – изјави Актурк.
Тој нагласи дека Анкара внимателно ја следи ситуацијата во услови на нападите врз Иран и последователните реакции во регионот.
– Уште еднаш нагласуваме дека го задржуваме правото да одговориме на непријателски дејства, без оглед од каде доаѓаат, и внимателно ги следиме случувањата во блиска соработка со НАТО и со другите наши сојузници – додаде Актурк.
Турција, како што посочи, е подготвена да придонесе во напорите за смирување на тензиите во регионот.
– Проблемите можат да се решат само преку дијалог – рече Актурк.
































