Стоматолошкиот центар „Д-р Баткоски“ од Охрид први во Македонија ја воведуваат иновативната технологија за таканаречена плазма активација на површината на имплантите. Станува збор за напредна постапка што му помага на организмот полесно да го прифати имплантот, кој хируршки се вградува во коската на местото каде што недостига заб. Иако имплантот има јасна цел да го замени забот, телото и коската понекогаш имаат потреба од повеќе време за да го прифатат „туѓото тело“ како свое.

Со новата постапка што ја воведе Центарот, имплантот непосредно пред вградувањето се активира во специјален плазма апарат. За неколку десетици секунди се зголемува површинската енергија на имплантот и неговата површина станува високо хидрофилна, односно полесно се навлажнува со крв и природни биолошки течности. Ова овозможува подобар почетен контакт меѓу имплантот и коската и, според клиничките истражувања, може да придонесе за до околу 30% подобрена рана интеграција на имплантот со коскеното ткиво.

Според спец. Д-р Небојша Баткоски, сопственик и управител на стоматолошкиот центар, оваа технологија придонесува за побрза интеграција, поголема стабилност и посигурни, попредвидливи резултати при поставување на имплантите.

„Најважното што го гледаме во научните истражувања е дека ваквиот третман ја прави површината на имплантот ‘поприемчива’ за првиот контакт со организмот затоа што полесно се навлажнува и полесно се врзуваат природните материи што телото ги користи како ‘основа’ за заздравување. Тоа во пракса може да значи подобар старт по интервенцијата и поддршка за побрзо и постабилно ‘примање’ на имплантот“, вели спец. д-р Небојша Баткоски, сопственик и управител на стоматолошкиот центар.

Во однос на самата постапка, од ординацијата појаснуваат дека е кратка и контролирана процедура што се прави на самиот имплант, пред да биде поставен. Пациентот, пак, добива имплант што е подготвен на повисоко ниво.

„Има клинички испитувања кај пациенти кои покажуваат подобар тренд на рана стабилност кај плазма-активирани импланти во одредени периоди по поставувањето. Тоа значи дека во првите недели може да видиме поповолна динамика. Но, важно е да се каже и дека разликите не мора секогаш да бидат големи и дека и стандардните импланти, кога се правилно избрани и поставени, имаат предвидлив резултат. Оваа технологија додава уште еден слој сигурност, особено кај случаи каде сакаме што е можно попрецизен и постабилен почеток на заздравувањето“, додава д-р Баткоски.

Од „Д-р Баткоски“ нагласуваат дека конечниот исход секогаш зависи од повеќе фактори, како што се квалитетот на коската, општата здравствена состојба, хигиената и дисциплината на пациентот по интервенцијата, како и правилното планирање и изведба од страна на тимот. Но воведувањето на плазма активацијата е јасен исчекор напред за имплантологијата, не само во Охрид, туку и во Македонија. Нивната цел е пациентите да добијат пристап до технологии што го прават процесот поефикасен, постабилен и попредвидлив.