Генералниот секретар на НАТО, кој е во посета на земјава, на заедничката прес-конференција со претседателката Гордана Силјановска-Давкова нагласи дека Алијансата не е директно вклучена во последните случувања на Блискиот Исток, но потенцираше дека НАТО ќе го брани секој дел од територијата на земјите-членки, пренесува МИА.
Нашите воени команданти секојдневно работат на ова и имаат пристап од 360 степени, земајќи ја предвид секоја закана, нагласи Руте, одговарајќи на новинарско прашање за позицијата на НАТО по последните случувања на Блискиот Исток и за можниот одговор на Алијансата доколку дојде до ескалација.
– НАТО не е вклучен, но да бидеме јасни што се случува. Иран има капацитети за користење проектили, што претставува опасност не само за регионот на Блискиот Исток, туку и за нас во Европа. Знаеме дека Иран со децении е извор на нестабилност преку терористички напади и обиди за атентати. Зборувам за режимот, не за луѓето. Но, НАТО не е вклучен. Можам да ве уверам дека НАТО ќе го брани секој дел од својата територија. Нашите воени команданти секојдневно работат на ова и имаат пристап од 360 степени, земајќи ја предвид секоја закана – нагласи Руте.
Тој додаде дека кампањата на САД и Израел е насочена кон нуклеарните капацитети на Иран и посочи дека намалувањето на тие капацитети придонесува за поголема безбедност.
Во однос на единството во НАТО, Руте истакна дека станува збор за кампања што ја водат САД и Израел, но дека повеќе сојузници обезбедуваат логистичка поддршка.
– Многу сојузници даваат значајна поддршка, не како дел од кампањата, туку во однос на пристап и логистика. Разговарав со многу лидери во изминатите денови и чувствувам дека намалувањето на нуклеарните капацитети и балистичките проектили е поддржано од моите колеги во НАТО – рече Руте.
Силјановска-Давкова истакна дека посетата на Руте е јасен знак дека НАТО стои зад своите членки и потсети дека Алијансата ќе ги брани сите свои членки доколку бидат нападнати.
Одговарајќи на прашање дали Македонија би поддржала евентуална интервенција на НАТО на Блискиот Исток, таа нагласи дека таквите одлуки се носат колективно.
– Не можам да одговорам што би се случило ако НАТО интервенира во регионот каде што сега се водат војни, бидејќи НАТО ја штити територијата на своите членки. Секој разговор за активности на НАТО се води во рамките на Алијансата и одлуките се носат заеднички – рече таа.
Двајцата соговорници нагласија дека актуелните безбедносни околности бараат будност, подготвеност, зајакнување на системите за рано предупредување и одржливи инвестиции во одбраната.
– Се соочуваме со глобална неизвесност, со геополитички тензии, со војна на европско тло, со сајбер и хибридни закани и со ширење дезинформации. Посетата на генералниот секретар Руте е потврда за важноста на сојузничката солидарност и заедничката одговорност – истакна Силјановска-Давкова.
Таа нагласи дека земјата го исполнува условот од 2 проценти од БДП за одбрана и дека повеќе од 30 проценти од тие средства се наменети за модернизација.
– Не станува збор само за проценти, туку за инвестиција во заедничката одбрана и безбедност – рече претседателката.
Силјановска-Давкова потсети дека Македонија активно учествува во борбените групи во Летонија, Бугарија и Романија, како и во мисиите КФОР во Косово и ЕУ Алтеа во Босна и Херцеговина.
– Со тоа демонстрираме дека безбедноста е заедничка одговорност. Ќе продолжиме со поддршката за Украина, со верба во праведен и траен мир – нагласи таа.
Претседателката истакна дека најголема гаранција за мирот и безбедноста на Западен Балкан е неговата итна и целосна интеграција во Европската Унија.
– Мора да ставиме крај на вештачките причини и причините од историски и идентитетски карактер што го попречуваат членството во ЕУ и да се фокусираме на Копенхашките критериуми – рече таа.
Руте, пак, нагласи дека Северна Македонија е верен сојузник на НАТО и придонесува за безбедноста на источниот дел од Алијансата.
– Северна Македонија издвојува повеќе од 2 проценти од БДП за одбрана. Мораме да ги зголемиме придонесите и целосно да ги опремиме нашите одбранбени капацитети. Сакам да ја поздравам поддршката на Северна Македонија за Украина – рече Руте.
Тој додаде дека НАТО останува посветен на стабилноста на Западен Балкан и нема да дозволи создавање безбедносен вакуум.
– Можеме да сметаме на Северна Македонија да го одигра својот дел. Нашата посветеност кон заштита на сите сојузници е цврста – заклучи Руте.
































