Претседателката Гордана Силјановска Давкова со највисоки државни и воени почести го пречека генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, кој престојува во прва официјална посета на Македонија. По тет-а-тет средбата и пленарниот состанок со делегацијата на НАТО, претседателката одржа изјава за медиумите во која се осврна на актуелните безбедносни предизвици и улогата на земјава во Алијансата.
Таа оцени дека посетата на Руте доаѓа во време на глобална неизвесност, геополитички тензии и воени конфликти, што дополнително ја нагласува важноста на сојузничката солидарност.
– Се соочуваме со глобална неизвесност, со геополитички тензии, со војна на европско тло, со сајбер и хибридни закани и затоа посетата на генералниот секретар Руте, која коинцидира со сериозни безбедносни предизвици, за мене е јасна потврда за важноста на сојузничката солидарност и на заедничката одговорност – рече Силјановска Давкова.
Претседателката информираше дека викендов го свикала Советот за безбедност, при што било заклучено дека и покрај стабилната внатрешна состојба, потребно е постојано следење на настаните и навремено реагирање.
– Овие сложени безбедносни околности бараат будност, подготвеност, јакнење на активностите на инструментите за рано предупредување, како и посилни и одржливи инвестиции во одбранбените капацитети – нагласи претседателката.
Таа нагласи дека НАТО мора да ја зачува кохезијата врз основа на заедничките вредности и принципи.
– Неопходно е во рамките на НАТО Алијансата да се надминуваат или усогласуваат разликите за да се обезбеди кохезија врз основа на заедничките вредности и принципи врз кои е втемелено НАТО – рече таа.
Според неа, НАТО не е само воен сојуз, туку заедница на споделени вредности и визија.
– Јас цврсто верувам дека НАТО не е само воен сојуз, туку и заедница на споделени вредности, на споделена одговорност и на заедничка визија за безбедна иднина, и ние продолжуваме да бидеме одговорна членка на Алијансата – потенцираше Силјановска Давкова.
Таа потсети дека земјата го исполнила условот од самитот во Велс за издвојување 2 проценти од БДП за одбрана, при што над 30 проценти се наменети за модернизација.
– Не се во прашање проценти и бројки, туку инвестиција во заедничката одбрана и безбедност – рече претседателката.
Силјановска Давкова истакна дека Македонија активно учествува во мисиите во Латвија, Бугарија, Романија, КФОР во Косово и ЕУ АЛТЕА во Босна и Херцеговина, демонстрирајќи дека безбедноста е заедничка одговорност.
Во однос на Украина, таа порача дека поддршката ќе продолжи.
– Ќе продолжиме со поддршката на Украина со верба за можен договор за праведен и траен мир – рече таа.
На крајот, претседателката потенцираше дека интеграцијата во ЕУ е клучна за стабилноста на регионот.
– Јас верував и сѐ уште верувам дека најголема гаранција за мирот и безбедноста на Западен Балкан и за трајна отпорност на влијание од трети сили е неговата итна и целосна политичка интеграција во ЕУ – нагласи Силјановска Давкова.
Таа повика да се стави крај на, како што рече, вештачките и идентитетски причини што го блокираат европскиот пат.
– Мора да ставиме крај на вештачките причини и причините од историски и идентитетски карактер за оневозможување на регионалното членство во ЕУ и да се концентрираме на Копенхашките критериуми – порача претседателката.
Според неа, членството во ЕУ е најголемата инвестиција во безбедноста.
– Одговорно тврдам дека најголемата инвестиција и гаранција, не само за нашата безбедност, туку и за безбедноста на Европа во целина е нашето членство и членството на Западен Балкан во Европската Унија – рече таа.
Генералниот секретар Руте ја потврди поддршката на НАТО за регионот и ја оцени Македонија како значаен и кредибилен сојузник во рамките на Алијансата.
































