Студентката по ветерина Aнгела Конева доби награда за хуманиот однос со животните
Aнгела Конева е техничарка по ветеринарна медицина од Прилеп, а сега студира на Факултетот за ветеринарна медицина во Битола. Таа по повод 13 февруари, Денот на радиото, го доби признанието „13 величествени“, кое го доделува прилепското Радио Пела, и беше истакната како херој од секојдневието. Ја побаравме Ангела да ни раскаже со кој нејзин хуман подвиг го заслужила ова признание.
– Еден обичен ден шетав низ градот и здогледав група луѓе како стојат околу една стара куќа. Отидов и ги прашав што се случува. Тие исплашени ми одговорија дека во куќата имам затворено кученце, кое сака да скокне од прозорецот и да избега – раскажува Ангела.
Таа без да се двоуми многу, решила да го спаси беспомошното животинче.
– Иако куќата беше стара и се распаѓаше, се качив полека и стигнав до прозорецот. Кученцето беше тажно и исплашено. Го погалив и го зедов во прегратки, веднаш се смири. Ми помогна еден човек, преку терасата му го предадов нему. Сите бевме среќни, а кученцето најмногу. Го галевме и се смеевме – со радост раскажува Ангела.
Потоа таа се упатила кон дежурната ветеринарна станица „Пет ленд“, каде што кучето ја добило потребната грижа.
– Го нахранивме, го стопливме, докторите го прегледаа, го вакцинираа, му дадоа витамини, му ставија и заштита од паразити. Го оставивме да преспие на топло. Утредента нѐ пречека со радост во очињата и мавтање со опавчето. Скокаше од радост – пренесува нашата соговорничка.
И, како и сите убави приказни, и оваа завршила со среќен крај. Кученцето сега има дом, живее на топло, редовно е нахрането и, што е најважно, сега е среќно.
– Животните се беспомошни, тие не можат да зборуваат и да ни кажат со каков проблем се соочуваат, затоа ние треба да им помогнеме колку што можеме, а ако не можеме, тогаш е доволно да повикаме некој што ќе им помогне – порачува нашата хероина од секојдневието, Ангела Конева.
Ф.Д.

































