Иницијативи: Македонски јазик ќе учат и децата од Света Недела во Хрватска
- Предметот Македонски јазик и култура во Хрватска го учат 108 ученици во осум основни училишта во Загреб, Дуго Село, Света Недела, Риека, Осиек,
Пула и Сплит и во три гимназии во Загреб, Риека и Осиек. Предметот го учат припадници на македонското национално малцинство, како и други ученици
По иницијатива на професорката по македонски јазик Ивана Брезовец, училиштето „Стрмец“ од хрватскиот град Света Недела станува осмо хрватско училиште во кое се изучува предметот Македонски јазик и култура. Како што ни раскажа таа, нејзините деца, но и пријателите се „главни виновници“ за македонскиот јазик да се учи и во единственото гратче во општината Света Недела, која ѝ припаѓа на Загрепската жупанија. Нејзините синови Матеј и Андреј и неколкумина пријатели ја поттикнале да ја започне оваа иницијатива. Тоа е доказ дека семејството и пријателите со навидум обични разговори може да креираат корисни нешта за заедницата.
– Матеј кога тргна во прво одделение почна да го изучува македонскиот јазик во ОУ „Никола Тесла“. Често патувавме од Света Недела до Загреб и стекна нови другарчиња. Постојано им зборуваше на неговите школски другари дека тој учи македонски јазик и почна да им раскажува за Македонија, претставувајќи ја не само преку јазикот туку и со сите други нејзини убавини. Така се заинтересираа и другарчињата. Помалиот син Андреј, пак, кој сега е прваче, посака да учи македонски јазик, бидејќи брат му се пофали дека тоа е многу интересно. Јас веќе немав изговори и решив да се потрудам македонскиот јазик да се учи во училиштето во Света Недела – раскажува Ивана Брезовец, професорка по македонски јазик во Првата гимназија во Загреб.
МН: Подари книга, подари свет
Пред крајната реализација се одржа состанок во присуство на амбасадорот на Македонија во Хрватска, Драган Ѓурчевски, советничката за култура и директорка на македонскиот Културно-информативен центар во Загреб, Мими Ѓорѓиоска-Илиевска, и началникот на Секторот за национални малцинства при министерството за наука, образование и млади на Хрватска, Милан Вукелиќ.
– Нашето министерство континуирано го поддржува образованието на јазиците и писмата на националните малцинства бидејќи е начин на кој се создава инспиративна средина каде што слободно можеме да учиме едни од други -истакна началникот Вукелиќ.
Директорот на подрачното училиште „Стрмец“, Звонимир Маркиќ, со голема радост ја прифати идејата и беше домаќин на овој состанок, заедно со градоначалникот на Света Недела, Дарио Зуровец, заменик-градоначалникот Марио Пшеничњак, советничката за односи со јавноста Ања Блажина Болјевиќ и професорката Ивана Брезовец.
Реализацијата на оваа програма е поддржана од Заедницата на Македонците во Република Хрватска и од претставничката на македонското национално малцинство во Загрепската жупанија, Лена Гапиќ, а со помош од Министерството за наука, образование и млади на Република Хрватска.
По повод почетокот на наставата по Македонски јазик и култура во Света Недела, македонската издавачка куќа „Матица македонска“ испрати донација на книги за учениците што ќе го изучуваат овој предмет. Пакет со дела од македонски автори, современа поезија и проза, како и книжевност за деца, сега се наоѓа во училишната библиотека на училиштето „Стрмец“.
– Оваа донација се случи по повод Меѓународниот ден на дарувањето книги, а во рамките на иницијативата „Подари книга, подари свет“ со која „Матица македонска“ ги поттикнува културата на дарувањето и љубовта кон читањето книги. Ова претставува значајна поддршка за зачувување и промоција на македонскиот јазик и идентитет меѓу младите во Хрватска – рече професорката Ивана Брезовец.
Одбележен Меѓународниот ден на мајчиниот јазик
Во пресрет на одбележувањето на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик во подрачното училиште „Стрмец“ се одржа отворен час, каде што заинтересираните ученици можеа да научат за Македонија и за македонскиот јазик. На денот кога целиот свет го слави како празник на јазиците Меѓународниот ден на мајчиниот јазик на манифестацијата „Зборувај ми на својот јазик“, која е во организација на Координацијата на Град Загреб и Загрепската жупанија, а која се одржува веќе дванаесет години во Загреб, учествуваа учениците што го изучуваат предметот Македонски јазик и култура во подрачното училиште „Стрмец“, во основните училишта „Иван Бенковиќ“ во Дуго Село, „Никола Тесла“ и „Аугуст Харамбашиќ“, како и во Првата гимназија во Загреб. Учесниците се претставија со изведба на народната песна „Балада за Гоце“ и драматизација со наслов „Кој е најдругар?“.
Во реализацијата на проектот беа вклучени десет национални малцинства, 140 ученици и 20 просветни работници. Учениците гордо и достоинствено се претставија пред многубројната публика во киносалата на студентскиот дом „Стјепан Радиќ“. А ученикот Јан Трајковски, кој го учи предметот Македонски јазик и култура во ОУ „Иван Бенковиќ“ во Дуго Село, беше најхрабар и даде свое интервју за националната телевизија ХРТ 1.
Предметот Македонски јазик и култура во Хрватска го учат 108 ученици во осум основни училишта во Загреб, Дуго Село, Света Недела, Риека, Осиек, Пула и Сплит и во три гимназии во Загреб, Риека и Осиек. Предметот го учат припадници на македонското национално малцинство, како и други ученици. Станува збор за изборен предмет, кој се внесува во свидетелствата на учениците.
Со ова Република Хрватска се вбројува меѓу ретките земји што овозможуваат да се учат јазиците на националните малцинства во редовната настава.

































