Владата на последната седница, одржана на 24 февруари 2026 година, донесе одлука за спојување на Универзитетската клиника за кардиологија и Државната клиника за кардиохирургија, на предлог на Министерството за здравство.
Со оваа одлука се формира единствен центар на терциерно ниво за кардиоваскуларна медицина, со цел да се обезбеди повисок степен на интеграција, координација и ефикасност во третманот на пациентите со кардиоваскуларни заболувања. Од Министерството појаснуваат дека спојувањето ќе овозможи рационално користење на постојните човечки, просторни и технолошки ресурси на двете установи.
– Со донесената одлука за спојување на двете клиники формираме единствен центар на терциерно ниво за кардиоваскуларна медицина, кој овозможува континуитет на дијагностичко-терапевтскиот процес, од превенција и дијагностика до интервентен и хируршки третман. Преку укинување на административните дупликати и оптимизација на организациската структура, создаваме предуслови за заштеда на средства кои ќе се реинвестираат во унапредување на квалитетот на услугите, модернизација на медицинската опрема и професионална едукација на кадарот – појаснува министерот за здравство Азир Алиу.
Според Министерството, со спојувањето ќе се овозможи подобра искористеност на капацитетите и зголемен број интервенции, преку интеграција на лабораториските, стерилизациските и операционите служби.
Пациентите, како што се наведува, ќе добиваат комплетна кардиолошка и кардиохируршка грижа во рамки на една установа, без административни пречки и без потреба од трансфер, што треба да значи поголема достапност и континуитет на здравствените услуги.
Дополнително, се очекува спојувањето да придонесе и за развој во сегментот на едукација и научноистражувачка работа, преку создавање обединет академски центар со проширени можности за обука на специјализанти и супспецијализанти, како и за развој на научни програми.































