Израелски одбранбени сили (ИДФ) соопштија дека израелските воздухопловни сили денеска ја спровеле најголемата воздушна воена операција во својата историја на територијата на Иран, во која учествувале околу 200 борбени авиони.
Според соопштението, нападите биле обемни и координирани, а цел на дејствувањето биле ирански балистички ракетни фрлачи, како и системи за воздушна одбрана. Во рамки на операцијата, борбените авиони фрлиле стотици муниции врз приближно 500 воени цели во западниот и централниот дел на Иран, речиси истовремено, во утринските часови.
-Ова е најголемиот воздушен напад во историјата на израелските воздухопловни сили, извршен по детално планирање со висококвалитетни разузнавачки податоци, синхронизирајќи стотици авиони истовремено – се вели во соопштението на војската.
ИДФ наведува дека нападите врз иранските системи за противвоздушна одбрана овозможиле проширување на воздушната надмоќ над иранскиот воздушен простор, при што бил нанесен, како што се посочува, тежок удар врз клучните офанзивни капацитети, особено локациите за лансирање ракети во западен Иран, пренесе МИА.
Како една од погодените цели се споменува локација во областа на Табриз, која, според ИДФ, ѝ служела на иранска единица за балистички ракети и од каде што се планирало лансирање на десетици ракети кон Израел.
































