Шефот за човекови права на Обединетите нации остро ги осуди најновите воени напади на Блискиот Исток и апелираше до сите засегнати страни итно да се вратат на дипломатските разговори, предупредувајќи дека продолжувањето на насилствата ќе донесе само дополнителни човечки страдања.
Високиот комесар за човекови права, Фолкер Турк, во официјално соопштение реагираше на нападите извршени врз Иран, како и на последователните одмазднички акции.
-Ги осудувам воените напади ширум Иран утрово од страна на Израел и САД, како и последователните одмазднички напади од страна на Иран – изјави Фолкер Турк во соопштение.
Тој нагласи дека во секој вооружен судир најголемата тежина ја поднесуваат цивилите.
-Како и секогаш, во секој вооружен конфликт, цивилите се тие што на крајот ја плаќаат највисоката цена – нагласи тој.
Според Турк, употребата на ракети и бомби не може да донесе трајно решение на споровите меѓу државите, туку само ја продлабочува кризата и ја зголемува хуманитарната цена.
Турк рече дека ракетите и бомбите не се „начин за решавање на разликите“, туку само ќе „резултираат со смрт, уништување и човечка мизерија“.
– За да се избегнат овие страшни последици за цивилите, повикувам на воздржаност и ги преколнувам сите страни на разумност, да деескалираат и да се вратат на преговарачката маса каде што активно бараа решение само неколку часа претходно – рече тој.

































