Фото: МИА

Зошто еден дел од изјавата на албанскиот претседател Бајрам Бегај претставува директен удар врз уставниот поредок на Македонија?

  • Вистинската дипломатија подразбира почитување на суверенитетот, воздржаност во чувствителни прашања, избегнување терминологија што може да предизвика институционална или политичка конфузија. Генерално, така и се случи, но изјавата на Бајрам Бегај во еден момент ја премина таа граница! И наместо во духот на конструктивната идеја да ја зајакне взаемната довербата, тој вметна констатација што отвори нови прашања што не требаше ни да бидат тема на една протоколарна посета

Во официјално обраќање во Скопје, претседателот на Албанија, Бајрам Бегај, ги истакна Албанците во Македонија како „државотворен народ”. Дали оваа изјава е дипломатски непромислена, што не би требало да е дел од официјално обраќање на државник од висок ранг? Или е можеби е спакувана формулација како континуитет на политичка реторика кога станува збор за Уставот и Албанците во Македонија? Како и да е, изјавата е суштински проблематична, правно неиздржана и политички тешка провокација. Во меѓудржавните односи постојат линии што не се преминуваат. Една од нив е јавна интерпретација на уставниот поредок на државата домаќин, во случајов нашата Македонија.

Безобѕирен обид за уставно редефинирање преку јавна изјава

Македонија е унитарна држава со јасно дефиниран уставен континуитет. Нејзиниот државен карактер произлегува од историскиот и правниот развој на македонската државност.

Правата на заедниците се уставно гарантирани, опсежни и институционално вградени. Но гарантирањето на индивидуални и колективни права не е исто што и редефинирање на носителот на државотворноста.

Терминот „државотворен народ“ има јасна уставно-правна тежина. Тој не е симболичка фраза, туку категорија што произлегува од темелите на државниот суверенитет. И повеќе од јасно е дека ниту де јуре, ниту де факто Македонија не е федерација на два конститутивни ентитета. Македонија е унитарна држава со еднакви граѓани, но со единствен суверен носител на државноста. Обидот ова да се релативизира од страна на странски претседател претставува опасен преседан и флагрантен атак на кој треба да се реагира, па дури и да е дипломатски лапсус.

Дипломатијата бара конструктивност, воздржаност, не политички конструкции и подметнувања

Дури и ако изјавата била мотивирана од желба за поддршка на меѓуетничка кохезија, формулацијата е несоодветна. Дипломатскиот јазик мора да биде внимателен, особено во мултиетнички општества каде што терминологијата има тежина и последици. Кога висок функционер од соседна држава јавно користи термин што имплицира поттик за редефинирање на внатрешната уставна структура, тоа неизбежно се перцепира како мешање во внатрешните работи.

– Тоа не е пријателска порака. Тоа е политички сигнал за некоја подлабока умисла и тенденција, што навистина беше одвишна, во целиот тој говор на Бегај, а посебно во еден таков амбиент на гостопримство од страна на Македонија, велат наши соговорници, дипломати и поранешни носители на државни функции, сега во пензија.

Поддршка за права – да. Редефинирање на државност – не!

Македонија веќе има изграден систем на заштита и унапредување на правата на сите свои граѓани. Охридската рамка создаде механизми за инклузија, застапеност и институционална рамнотежа.

Но инклузијата не значи двојна државотворност, два народи или дуален карактер на државата.

-Македонија е унитарна држава и мултиетничко општество, а не би-етничко општество, ниту таква држава, со два етнички ентитета. Тука живеат и други малцинства кои заради упорната тенденција од албанскиот кампус за наметнување на концептот за бинационална држава, останатите малцинства апсолутно се чувствуваат деноминирани, па дури загрозени, велат соговорниците, додавајќи дека „уважувањето на високите критериуми за малцинските права на македонските Албанци не значи федерализација”!

Почитувањето на различностите не значи редефинирање на темелите на државата. Секое поинакво толкување отвора простор за политички шпекулации и радикални наративи што не придонесуваат за стабилност.

Јасна лекција од дипломатија

Добрососедството не подразбира давање квалификации за уставниот идентитет на другиот. Вистинската дипломатија подразбира почитување на суверенитетот, воздржаност во чувствителни прашања, избегнување терминологија што може да предизвика институционална или политичка конфузија. Генерално, така и се случи, но изјавата на Бајрам Бегај во еден момент ја премина таа граница! И наместо во духот на конструктивната идеја да ја зајакне взаемната довербата, тој вметна констатација што отвори нови прашања што не требаше ни да бидат тема на една протоколарна посета.

Македонија има право сама да го дефинира својот уставен карактер. Тоа и го прави. Но тоа право не е предмет на интерпретација однадвор, без разлика колку пријателски се претставува пораката! Р.Н.М.


Што кажа Бегај?

Бегај истакна дека Албанија смета дека правичното и рамноправното решавање на албанското прашање, како и употребата на албанскиот јазик, се клучни за стабилноста и перспективата на земјата.

-Охридскиот рамковен договор докажува дека дијалогот може да ја победи кризата – колку и да е длабока. Албанија го цени Охридскиот договор како историско постигнување. Вие сте дел од Собрание што создаде историја и стана модел за други држави кога го усвои каде се покажува дека има мултиетничко, плуралистичко и демократско општество. Реалноста и показателите не можат да се споредат. Но, е време да се реафирмира ангажирњето кон Охридскиот рамковен договор. Албанија смета дека правичното и рамноправното решавање на албанското прашање, како и употребата на албанскиот јазик, се клучни за стабилноста и перспективата на земјата. Времето ни покажа дека одлуките кои се однесуваат на сите граѓани мора да бидат донесени за сите граѓани – независно од етничка, верска или политичка припадност. Албанскиот фактор во Северна Македонија бил и ќе остане државотворен, конструктивен и демократски фактор. Албанците биле и остануваат главен столб на стабилноста – и во владата, и во евроинтеграциите. Но, оваа реалност е успех на сите граѓани, затоа што мултиетничка држава може да функционира само кога сите се претставени и еднакви пред законот – рече тој, пренесува МИА.