Крешимир Мишак

По успешните предавања изминатата година, кои се одржаа во Свети Николе, Скопје, Штип и во Битола, авторот и уредник на емисијата „На рубу знаности“, Крешимир Мишак, повторно гостуваше во Скопје, каде што одржа предавање со наслов „Патување низ времето, трансхуманизам и синхроницитет“. Медиумски покровител на настаните е „Нова Македонија“, а тие се поддржани и од Меѓународниот славјански универзитет „Свети Никола“.

Емисијата „На рубу знаности“ трае повеќе од дваесет години. Како започна приказната за оваа денес култна емисија?
– Тешко е да се одговори на тоа прашање, затоа што можеш да одговараш од перспектива на некои настани и сопствени напори, а можеш да одговараш и од перспектива на можеби некакви судбински зададености, кон што јас повеќе се приклонувам. Емисијата започна поради низа чудни синхроницитети, прво по можеби десетина години повторно ја запознав Јасна Буриќ, која многу брзо стана уредничка на телевизијата. Таа ме препорача кај Домогој Буриќ, кој тогаш беше триесетгодишен, како и јас, уредник на научната програма што осмисли четири емисии што ќе одат во понеделник – емисија за природните науки, за општествените науки, за етика и четвртата емисија требаше да биде „На рубу знаности“. Тогаш сите што ме знаеја мислеа дека е логично јас да ја водам таа емисија затоа што јас и во 1990-тите, со оскудни материјали од оваа деценија, веќе бев, што би се рекло, доктор за Атлантида, па се појавија и списанија како што беше „Свјетлост“ и така натаму. Сето тоа беа низа случајности и синхроницитети што доведоа до емитување на првата емисија во 2002 година, која од тогаш одеше еднаш месечно, следната година двапати месечно и потоа секоја недела. Јас во тоа време работев на радио и не знаев ништо за телевизијата, ниту ме интересираше, таа за мене беше синоним за политика или спорт, што не ме интересираше. Во тој процес скршив уште цела низа предрасуди, запознав различни страни на телевизиската работа, многу креативни луѓе, режисери, сниматели, монтажери… Дури и кога почнав да работам, сѐ уште им објаснував на луѓето дека не ја сакам телевизијата, постојано се спротивставував, но, како што гледате, судбината секогаш е посилна.

Колку гости сте имале досега во својата емисија и кои теми и разговори ви оставиле најдлабок впечаток?
– Станува збор за континуитет од 24 години, па практично е невозможно да се одговори на ова прашање. Тоа е исто како да прашате некој што наполнил 24 години која му е најдобра песна во животот. Па, сега, на која мислите, кога имав 10, 12, 15, 17 години! Темите следеа еден ритам, сега гледам еволуција на светот и на знаењето за светот, каде што се откриваа разни работи. Во првите пет години најмногу ме фасцинираа теми за кои веќе нешто знаев, како Атлантида, НЛО… а многу научив за овие теми од Џулијано Маринковиќ. Подоцна темите се сменија, се појави Дејвид Ајк, теми за Ајахуаска, разни метафизички теми, па теми од домашната историја, илирската историја и така натаму, па во поново време приказните за џинови. Фокусот се менуваше. Што се однесува до гостите, би рекол дека најголемо влијание имал Дејвид Ајк, бидејќи тој ги смени очилата низ кои се гледа светот, а притоа во своите книги ги инкорпорираше практично сите гранични подрачја на знаење со кои се занимава емисијата „На рубу знаности“. Втората личност за која мислам дека донесе нешто исклучително, фасцинантно и вредно, која поттикна цел бран кај нас – е Хира Ратан Манек, со својата соларна јога или гледање во сонцето. По емитувањето на оваа емисија, по насипот можеа да се видат десетици луѓе како гледаат во сонцето. Човекот треба да биде доволно дисциплиниран и по 10 секунди секој ден сè подолго да гледа во сонцето за време на изгрејсонце и зајдисонце, според мене тоа е најреволуционерното нешто што се појавило во емисијата. Голема тема беше емисијата со ненаметлив наслов, темелена на книгата „Космичка змија, потекло на знаењето и ДНК“. Ми звучеше како некаква антрополошка книга, каква што и беше, откако ја прочитав, низ низа синхроницитети во емисијата некако се појави и Џереми Нарби со теми за кои првпат слушнав. Таква беше темата за Ајахуаска, која многу ме привлече и ми даде различен увид. На крајот тоа се книгите „Духовен воин“ и „Бесконечен космички оргазам“. Секако, имаше и многу други мали теми, поттеми, соговорници, повеќе или помалку интересни, но ако вака би се обидел да сумирам, тогаш ова би биле главните целини.

Колку книги имате објавено и на кои теми најмногу пишувате?
– Досега објавив 12 книги, меѓутоа таа бројка многу брзо ќе се промени, па ќе има 13 и 14, но моментално сме во време на таа кружна космичка бројка од 12. Би ги поделил своите книги во некакви, условно речено, три групи. Првата ја сочинуваат приказните поврзани со фантастиката и научната фантастика. Тоа се две книги, за кои нема да одам толку далеку да кажам дека се книжевност, но во секој случај се некој тип на наративна проза. Втората група се книгите што опфаќаат некои важни теми од граничните подрачја на науката: телепатија, телекинеза, НЛО, патување низ времето. Третата група се книги со интервјуа, повеќе од 40 интервјуа со светски прваци во разни теми што ја следат еволуцијата на светот, на општеството и сите оние трендови што ги гледаме, од една страна како трансхуманизам што бара подлабоки толкувања, а од друга страна – синхроницитети, плацебо, идејата дека свеста не е поврзана со материјата, концептот што вклучува заткулисно управување со светот, често наречен „теорија на заговор“, што денес стана некаква етикета за цел збир метафизички теми. Би ја спомнал и книгата „Чудно – алманах на мистерии и чуда“, која е збир на крупни теми за деца и млади. Тоа е многу интересна и популарна книга и следуваат уште продолженија.

Постојат ли планови за објавување на вашите книги и на македонскиот простор?
– Планови постојат, но не се остваруваат сите планови. Се остваруваат само оние што се дел од космичката матрица и судбината. Ми се чини дека објавувањето книги во Македонија е една од оние работи што сакаат да се случат, бидејќи досега луѓето одеа да ги купат во Србија или на моите предавања – колку што успевав да донесам во куферот. Се работи на тоа, годинава еден нов македонски издавач, „A888 маркетинг“, ќе почне да ги објавува моите книги. Секако, првата ќе биде „Смрт на трансхуманизмот, слобода на народот“, која е кралица на моите книги, бидејќи обединува најголем број теми со најдалекосежни заклучоци. Верувам дека по овој почетен експеримент наскоро и другите книги ќе се најдат во македонските книжарници, но пишувањето и објавувањето книги не е брз процес, така што со книгите треба да се биде трпелив, така е тоа – книгите секогаш барале и бараат трпение… К.Р.