Фото: Пиксабеј

Полициски инспектор од полициската станица Камза, заедно со уште две лица, бил приведен на граничниот премин „Мердаре“ при влез од Србија во Косово, откако кај нив биле пронајдени непријавени еден милион евра, пренесе МИА.

-Дирекцијата за професионални стандарди во државната полиција веднаш го суспендираше инспекторот Аурел Казиу, откако косовската страна извести дека тој вчера бил уапсен заедно со уште две лица, откако се обидел да прошверцува еден милион евра непријавени – објави Дирекцијата.

Инспекторот Казиу, како и двајцата косовски државјани Етник Ахмаџокај и Ардит Ласка, се задржани во притвор и се осомничени за сторено кривично дело „перење пари“.

Возилото – комбе кое било во сопственост на Казиу – било подложено на детална контрола, при што парите биле откриени во специјално изработен скриен простор во подот на возилото.

Според „Топ чанел“, косовските и албанските власти засега не успеале да го утврдат потеклото на средствата ниту нивната крајна дестинација, но постојат сомнежи дека парите се поврзани со албанска криминална група која користела копнени рути за нивен транспорт кон Албанија и Косово.