Уставниот суд денеска одлучи да не поведе постапка за измените на Законот за пензиско и инвалидско осигурување што се однесуваат на нерезидентните пензионери. Со овие измени е предвидено зголемувањата на пензиите од 2024 година да не им се исплаќаат на пензионерите кои живеат надвор од државата. Петмина подносители поднесоа иницијативи со кои бараа оценка на уставноста, повикувајќи се на можна дискриминација и повреда на стекнатите права, но мнозинството судии оцени дека нема основ за поведување постапка, информираше претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски.
Судијата известител Осман Кадриу, кој се изјаснил во корист на поведување постапка, образложи дека спорните одредби создаваат нееднаков третман меѓу пензионерите кои живеат во земјата и оние што престојуваат во странство.
-Неважно е дали пензионерите живеат во нашата држава или во друга, тие правото на пензија треба да го остваруваат вклучувајќи ги сите зголемувања. Со оивие одредби кои се проблематизираат навистина застанавме на стојалиште дека на нашите пензионери надвор од државава им се скратува правото на зголемувањето на пензите и сите усогласувања – нагласи Кадриу, додавајќи дека одредбите се спротивни на уставните принципи за еднаковост, забрана на дискриминација и социјална правда, како и на Европската конвенција за човекови права.
Според Костадиновски, мнозинството судии сметало дека пензионерите се наоѓаат во иста правна, но различна фактичка положба, поради што не постои повреда на член 9 од Уставот.
-Ова е социјална, временска мерка за ублажување на инфлацијата и трошоците за живот во земјата, надградба на стечените права, а не нивно задирање – објасни претседателот на Уставниот суд, нагласувајќи дека по истекот на периодот законското усогласување на пензиите повторно ќе важи за сите.
Во однос на измените на Кривичниот законик, Костадиновски упати критики кон законодавната власт поради непочитување на рок утврден од Судот.
-Собранието мора да покаже уставна дисциплина. Или ќе се заложиме за владеење на правото, или ќе глумиме правна држава – предупреди тој.
Судот утврдил дека постои усогласеност со формалната уставност, но оценил дека новото законско решение е „далеку од идеално“, иако претставува подобрување во однос на претходното.
-Во три години имаме четири правни режими. Каква е тоа правна сигурност – праша Костадиновски, додавајќи дека постапката е запрена за да не се создаде правен вакуум и да се овозможи санкционирање на злоупотреби на јавни средства.
Судијата Кадриу посочи дека формалните процедури биле испочитувани, но дека материјалниот аспект не е целосно усогласен со претходната одлука на Судот.
Дополнително, Костадиновски информираше дека Уставниот суд поништил два правилника на Општина Гостивар, меѓу кои и правилникот за сообраќајни знаци, налепници и сигнализација „НМК“.
-Поништувачката одлука значи дека дејствијата се сметаат како да не се случиле, знаците ќе се вратат на претходна состојба или ќе се донесе нов правилник – појасни претседателот, истакнувајќи дека ефектот е за враќање на уставноста.

































