- Годишниот генерален состанок на ИФАБ е в сабота. Можните измени се поврзани со пауза за повредни фудбалери, ограничувања на времето за изведување голаут, аут и за замена на фудбалери…, а можеби ќе се одобрат прегледи од ВАР за погрешно доделен втор жолт картон и за корнери
Играчите што добиваат третман за повреда би можеле да бидат принудени да останат надвор од теренот една минута, според предлозите на Светската фудбалска федерација (ФИФА), пишува „Би-би-си“. Тоа е една од многубројните мерки за справување со нарушувањето на темпото на игра и со изгубеното време, кои треба да бидат одобрени на годишниот генерален состанок на Меѓународниот фудбалски борд (ИФАБ) в сабота.
Во моментов нема одредби во правилата за тоа колку долго повредените играчи мора да останат надвор од теренот. Натпреварувањата имаат право да ги постават своите упатства, а англиската Премиерлига на пример има правило од 30 секунди од сезоната 2023/2024. ФИФА одржа свои тестирања на Арапскиот куп во декември, на кои се бараше играчот да остане надвор од теренот две минути, пишува „Би-би-си“.
Раководителот на Светската фудбалска федерација за судење, Пјерлуиџи Колина, вели дека правилото од две минути има цел да го намали губењето време и да го подобри текот на играта. Тоа го отсликува пристапот што го има американската фудбалска лига (МЛС), кој се активира ако фудбалерот остане на земја повеќе од 15 секунди и се појави физиотерапевт.
На состанокот на ИФАБ во јануари беше договорено да се додаде фиксен период во правилата, но имаше несогласување околу должината на времето и силен отпор против отсуство од две минути. Една минута е предложена како компромис, но „Би-би-си“ разбира дека остануваат загриженостите за негативните влијанија. Претпоставката е дека едноминутно отсуство би ја зголемило веројатноста дека тимот би можел да прими гол кога ќе остане со 10 играчи. Триесет секунди веќе предизвикуваат фрустрација кај гледачите, а последиците од примените голови би можеле да додадат дополнителен притисок врз судиите, пишува „Би-би-си“. Постои претпоставка дека некои играчи ги користат наводните повреди како начин за прекинување на играта, но се смета дека продолжувањето на временското ограничување би можело прекумерно да ги казни навистина повредените фудбалери. Постојат неколку исклучоци. Ако на противникот му биде покажан жолт или црвен картон, повредениот играч не мора да остане надвор, голманите се исто така ослободени, а изведувачот на пенал би можел да остане.
Сепак, од ИФАБ не се очекува да донесе резолуција за справување со тактичкиот тајмаут. Тоа е кога голманот ќе падне без топката, за тренерот да даде нови инструкции до тимот, пишува „Би-би-си“. Советодавните панели на Меѓународниот фудбалски борд дискутираа за ова прашање, но досега не е постигнат договор за решение.
По успехот на правилото од осум секунди, според кое голманите не смеат да ја држат топката во раце подолго од осум секунди, треба да бидат одобрени нови мерки со одбројување, па слично ќе биде и за изведување голаут и аут, при што поседот на топката ќе оди кај противничкиот тим ако тоа изведување трае предолго.
Ограничување од 10 секунди ќе се примени и за замена на играчи, па ако фудбалерот не го напуштат теренот за тоа време, замената нема да може да влезе во игра, екипата ќе мора да игра со 10 фудбалери до следниот прекин, а тоа мора да биде по најмалку 60 секунди, пишува „Би-би-си“.
Се очекува Меѓународниот фудбалски борд да одобри прегледи од системот видеопомошник-судија (ВАР) за погрешно доделени втори жолти картони и, како опција, за корнери. Канадската Премиерлига веројатно ќе добие дозвола да почне со тестирање на офсајдот според идејата на Арсен Венгер (раководител на одделот за глобален развој на фудбалот во Светската фудбалска федерација), според која фудбалер е во офсајд само ако има целосен јаз помеѓу него и претпоследниот противнички играч, всушност последниот одбранбен фудбалер, со оглед на вообичаената позиција на голманот, пишува „Би-би-си“. Н.М.

































