Канцеларијата на УНИЦЕФ во Хрватска започна хуманитарна кампања за поддршка на децата погодени од глад во Судан, Јемен и Газа. Организацијата предупредува дека бројот на деца изложени на глад, сиромаштија и насилство постојано расте и дека во 2026 година рекорден број ќе имаат потреба од хуманитарна помош, пренесе МИА.
Според проценките на УНИЦЕФ, милиони деца ширум светот страдаат од тешка неухранетост опасна по живот, која предизвикува една од пет смртни случаи кај деца под пет години. Оваа состојба претставува една од најголемите закани за нивниот опстанок.
Долготрајните конфликти и екстремните климатски услови дополнително го отежнуваат пристапот до храна и основни услуги, и покрај напорите на семејствата да ги заштитат своите деца.
Особено критична е ситуацијата во Судан, каде што продолжува „заборавената криза“ со милиони раселени семејства, во Јемен, каде што децата и жените со години се соочуваат со хроничен недостиг на храна, и во Газа, каде што гладот беше официјално потврден во август 2025 година.
– Во тие кризни подрачја речиси осум милиони деца се соочуваат со катастрофални нивоа на неисхранетост, додека во Газа, поради уништената инфраструктура и ограничениот пристап до хуманитарна помош, се регистрирани и смртни случаи предизвикани од глад – истакнува УНИЦЕФ.
Организацијата додава дека нивните тимови секојдневно се соочуваат со зголемени потреби за здравствена заштита, вода за пиење и терапевтска храна, но ситуацијата брзо се влошува и бара поголема поддршка од кога било досега.
Затоа, УНИЦЕФ ги повика граѓаните да се обединат во солидарност и да помогнат во обезбедување на терапевтска храна. Организацијата обезбедува 80 проценти од специјално развиената терапевтска храна во светот, која за само неколку дена може да значи разлика меѓу живот и смрт.
– Неисхранетоста сериозно го загрозува опстанокот, растот и развојот на децата и е предизвикана не само од недостиг на храна, туку и од несоодветна исхрана, болести, ограничен пристап до вода за пиење и недостиг на здравствени услуги – предупредува УНИЦЕФ

































