Медиумите и медиумското ропство

„Содржината е кралот, дистрибуцијата е кралицата“! Ова се два основни постулати на кои е поставен и организиран светот на медиумите. Она општество што произведува содржина и има мрежа за дистрибуција на таа содржина е општество за кое може да се каже дека е суверено самото со себе, односно има сопствено владение и управување. Ако не произведуваш содржина и не ја пренесуваш до општеството, ти си само консуматор на туѓа содржина и на туѓо владение, најчесто на својата територија. Можеби звучи непријатно, драги мои, но ако се најдеш во таква ситуација, ти си роб, а земјата во која живееш е во општ привид на слобода. Ако, пак, си втора или трета генерација медиумски роб, навистина си во сериозни проблеми и ќе биде потребно да направиш нешто многу јасно и видливо, затоа што во моментот кога повеќе нема да имаш содржина и дистрибуција, ти не постоиш и не владееш со просторот во кој живееш. Значи, да резимирам, според мене, Македонија е во медиумско ропство.
Може ли во светот на медиумите во Македонија, како мала земја, да се случат работи што за кратко време можат да го запрат општиот пад и да направат промени што ќе водат кон организирање мала, но динамична и продуктивна медиумска индустрија, која ќе нѐ ослободи од медиумското ропство во кое реално се наоѓаме? Што треба да се направи за да се случи тоа? Прво треба да го промениме начинот на разбирање и определување на потребите од тоа каков „крал“ ни е потребен. И второ треба да создадеме „кралица“ – патишта по кои тој крал ќе се движи низ медиумскиот простор за својата сувереност да може да ја пренесе до секој од нас што се идентификува со него, не по формата, не по тоа како тој изгледа, туку по содржината, по тоа што тој не еманира во себе како вредност. Треба да разбереме дека денес медиумската содржина е производ за на пазар, како и секој друг производ, како леб, сирење, облека, телефон, автомобил или што и да е друго произведено за консумативни цели. Тука не постои разлика. Од производство на вести до производство на играни филмови или серии. Убаво кажуваат Американците, news production, што во превод значи: производство на вести. Ниеден пристоен медиум денес не чека настаните – вестите да му се случат! Вестите, драги мои, не се случуваат, тие се произведуваат, а потоа се дистрибуираат до потрошувачите, до консументите што тие производи ги купуваат и консумираат.
Производството на вести е тоа што го покренува прво рационалниот, а потоа и емоционалниот апарат, кој ги определува потребите од сите други медиумски содржини. Ако вие имате општа атмосфера од, на пример, јавно сознание од појава на масовно семејно насилство, тогаш сосема природно ќе создадете механизам за одбрана преку коментар, дебата, а на крајот и создавање содржини од сите жанрови што ќе ја третираат таа состојба. И, во тој момент вие имате можност да го решите проблемот во кој општеството се рефлектира себеси. Оти нели утврдивме дека медиумите се огледало на општеството и луѓето во него? Ако ние произведеме содржини и создадеме систем на пренесување – дистрибуција на тие содржини – прво до нас самите, а потоа и надвор од нашиот домицилен медиумски простор, тогаш има шанси да се видиме во тоа огледало и да се соочиме со себе, но и надвор со други луѓе и заедници блиски или слични на нас. Кога ќе се видиме такви какви што реално сме и ќе се споредиме со другите, има шанси и да се промениме. Ако не се погледнеш во општественото огледало и не се соочиш со тоа што го гледаш, тогаш навистина си тргнал по патот од кој никогаш нема да се вратиш на почетната точка, а тоа се подносливоста и прифаќањето на живеењето со себе самиот во заедница со други луѓе.

Кој може да го направи тоа? Реално, мотивирани луѓе со образование, квалификации, компетенции, знаење и вештини. Пример за тоа како не треба да се прават работи во медиумите е кинематографијата, која дваесет години е управувана од некомпетентни и неквалификувани луѓе за таа дејност. Филмот во Македонија никако не успева да излезе од сопствената заблуда дека тоа е некаков висок уметнички производ наменет за лична еманација, за лично покажување, за рефлексија на личните, на интимните емоционални состојби на творците, кои треба да се продадат себеси – а не она што го создаваат како содржина. Сум слушнал некои од нив како се самодефинираат како аристократија во уметноста! Не ми е спорно дека творецот е еманација на тоа што го прави, но јас зборувам за тоа дека првата и последната работа кон која треба да се дејствува од идејата до создавањето на филмот е како тој творец да биде вешт во тоа да го продаде творештвото како производ наменет за пазар. По дваесет и пет години вложувања, според некои податоци се работи за 50 милиони евра во фантастичната бројка од над 100 произведени филмови, ние немаме реална рефлексија на самите себеси во тие филмови, од едноставна причина што тие не нѐ содржат нас. Ние мора да го напуштиме концептот на разбирање на филмот, а потоа и на телевизијата во сите жанрови, исклучиво како творештво. Да, во суштина филмот пред стотина години настанал како форма на уметничко изразување, но мора да разбереме дека тој стадиум поминал и дека треба да преминеме кон следниот – поттикнување организирано производство или комерцијализација што во најголем дел ќе води кон создавање индустрија и пазар за уметноста на филмот и телевизијата. Значи, стасавме до основниот проблем? Како да го направиме тоа? Ќе се обидам да го објаснам во неколку чекори и во неколку колумни.
Првиот чекор е вмрежување на филмот, телевизијата и новите медиуми со образованието, односно со универзитетите. Она што треба да го направиме, сега, во времето кога се нудат законски и општествени промени, е промена на гледната точка за нас наставниците – како уметници. Потоа, треба да создадеме општа идеја дека на универзитетите за уметности не треба да произведуваме уметници, туку филмски и телевизиски професионалци што ќе се стекнат со квалификации, знаења и вештини за филмска и телевизиска продукција во индустрија за производство на содржини наменети за пазарот на филмот, телевизијата и, многу важно, за она што допрва доаѓа – а тоа се новите медиуми! Некои од нив по одредено време работа во индустријата ќе бидат толку добри во тоа што го прават, што природно ќе се наречат мајстори и уметници. Но, на крајот од тој процес. Логиката е дека прво се станува вешт, квалификуван, се совладува занаетот, а подоцна, сосема на крајот, и уметник во тоа што се прави. Сега, прво создаваме уметници, а потоа од нив бараме и очекуваме вештини. Дали е можно тоа? Одговорете си сами. Ова мора да се промени. Но сосема на почетокот мора да се промениме себеси и сопствената рефлексија за себе, ако сакаме да се стекнеме со правото да го бараме тоа од другите. Невозможно е да бараш излез од ропството кај другите ако ти не се ослободиш од состојбата на умот што произведува робување на заблуди. Затоа се вложуваат милијарди долари во производство на медиумски содржини што те држат во комфорната зона на незнаењето за твојата робовска состојба, за која зборував на почетокот.

Во името на ова, ќе го парафразирам режисерот Вим Вендерс, кој деновиве како претседател на еден од најголемите дистрибутери на робовски содржини, филмскиот фестивал во Берлин, повика филмот да се дистанцира од политиката! Е тој, во неговата книга „Логиката на лицата“ пишува дека не постојат неполитички филмови. И дека, во суштина, најполитички се оние филмови што не зборуваат за политика и не протежираат никакви социјални промени. Патот на промените, драги мои, води кон слободата. И да, слободен човек може и да тргне кон патот на совршенството, кое нема како да се покаже освен како содржина и нема како да се еманира ако не се стаса до другите луѓе. Оти, сѐ уште, и без Питер Брук на овој свет, доволно е само еден човек да игра, а друг да го гледа, и веќе сме во светот на медиумите, создаваме содржина и стануваме слободни. Но, на крајот, мора да бидам искрен. Слободата на духот секогаш произведува горчлива содржина. Духовното ропство нуди содржини на сладости и уживање.

Јани Бојаџи

Авторот е режисер и професор на универзитетот „Еуропа Прима“