Традиционално за празникот Прочка во Прилеп
Tрадиционални современи маски и сурати се дел од изложбата на маски што беше отворена деновиве во ликовниот салон на ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп, во рамките на карневалот за Прочка. Годинава учениците од прилепските основни и средни училишта изработија околу 500 маски што преку суратите ја продолжуваат вековната традиција на Прилеп.
Мост меѓу минатото и иднината
– Изложбата не е само приказ на вештини туку и мост меѓу традицијата што ја наследивме и модерната визија на учениците од училиштата. Изложени се стотици различни карактери, емоции и форми изработени од вештите раце на учениците. Секоја линија на суратите раскажува за нивната посветеност да го обликуваат материјалот во уметност, претворајќи ја детската фантазија во реалност што фасцинира. Прилеп отсекогаш бил со традицијата. Затоа се вредни овие маски, создадени со голем труд, од природни материјали, со современа техника. Учениците им дале душа на творбите, создавајќи ликови што се восхитувачки и предизвикувачки – велат организаторите.
Стручното жири ги додели и наградите за најуспешни маски. Гранприто го доби седмоодделенецот Димитар Седлоски од ОУ „Блаже Конески“.
– Мојата маска претставува дрво, кое некогаш постоело, имало живот, а сега е изгорена гранка. Два месеца ја работев маската од дрво и од сунѓери. Малку ми помогна мајка ми, а стручни совети имав од наставничката по ликовно Елена. Се одлучив за овој тип на маска за да укажам дека шумите не треба да се горат, дека природната средина треба да се заштити – ни раскажа ученикот Димитар Седлоски.
Тој посочи дека првпат добива награда, иако досега трипати учествувал на овој награден конкурс.
Малите „Прилепски мечкари“ ја продолжуваат стогодишната традиција
Наградата за јуниорска маска ја освоија децата од детската градинка „Наша иднина“, додека наградата за традиционална маска ја доби Даниел Велкоски од с. Дупјачани.
Најдобра маска од прво до петто одделение е маската на четвртоодделенците од ОУ „Добре Јованоски“. Станува збор за традиционалната маска „Прилепски мечкар“, работена неколку недели под будното око на наставничката и родителите на децата, кои велат дека со маската сакале да ја продолжат традицијата.
Специјалното признание им беше доделено на малите „Прилепски мечкари“, кои ја продолжуваат традицијата на мечкарската поворка стара сто години. Беа доделени и поединечни награди.
Прва награда од средните училишта доби Сара Блажеска од гимназијата „Мирче Ацев“, од 6 до 9 одделение најуспешна беше маската на Ивана Проданоска од ОУ „Кире Гаврилоски-Јане“, а за најиновативна маска награда доби Леонид Јанкоски од ОУ „Блаже Конески“.
Ка.М.



































