Од ноќеска на полноќ стапуваат на сила нови, повисоки малопродажни цени на нафтените деривати. Цените на бензините „евросупер БС-95“ и „евросупер БС-98“ се зголемуваат за половина денар, додека „евродизелот (Д-Е V)“ и екстра-лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) поскапуваат за еден денар. Ова денеска го соопшти Регулаторна комисија за енергетика, водни услуги и управување со комунален отпад (РКЕ).
Со новата одлука, малопродажната цена на „мазутот М-1 НС“ бележи зголемување од 0,637 денари по килограм и ќе изнесува 34,520 денари/кг.
Според утврдените максимални цени, од полноќ бензинот „евросупер БС-95“ ќе се продава по цена од 73,50 денари за литар, „евросупер БС-98“ за 75,50 денари за литар, дизел-горивото за 69,00 денари за литар, екстра-лесното масло за горење (ЕЛ-1) за 68,00 денари за литар, додека мазутот ќе чини 34,520 денари по килограм.
Од РКЕ појаснуваат дека станува збор за највисоки дозволени цени и дека трговците на големо и на мало имаат можност да ги формираат цените и на пониско ниво од утврдените максимуми.


































