- Прекарот не се избираше. Не се аплицираше за него. Ти го даваа. Ти го лепеа како етикета од детството и ти остануваше за цел живот – сакал или не. Некому му се допаѓаше, некому не, ама сите го носеа. И преку тие прекари се распознававме, се паметевме, се смеевме и се каравме. Во маалото вистинските имиња речиси и не постоеја
- Денес? Денес децата немаат прекари – имаат шифри. Тони1987, Алекс_Official, Marko_Xx, пасворди наместо прекари. Имиња што сами си ги креирале, што ништо не кажуваат, што не носат приказна, ни смеа, ни трага. Нема веќе маало што ќе ти даде име – сега сам си го избираш, како корисничко име на социјална мрежа
Имаше едно време кога во маалото никој не те знаеше по име, а сите знаеја кој си.
Името стоеше во дневник, во крштелница и кај мајка ти кога ќе се налути. Во животот те викаа по прекар.
Прекарот не се бираше. Не се аплицираше за него. Ти го даваа. Ти го лепеа како етикета од детството и ти остануваше за цел живот – сакал или не. Некому му се допаѓаше, некому не, ама сите го носеа. И преку тие прекари се распознававме, се паметевме, се смеевме и се каравме. Во маалото вистинските имиња речиси и не постоеја.
Имаше Селма, затоа што некој постар пуштал „Путуј, Селма“ од „Бијело дугме“ и песната останала залепена за човекот. Имаше Лиштер, затоа што како дете фаќал мали врапчиња – голиштарци. Рамбо не беше акциски херој, туку дете што беше градено и борбено како Рамбо од филмот. Моцарт – затоа што уште како мал беше виртуоз за музика, а не затоа што сакал класика. Дебел – затоа што имаше едно кило повеќе од сите нас, доволно за прекар што ќе го следи засекогаш.
Некои прекари беа нежни, некои сурови, некои неправедни – ама беа живи. Пецко по карикатурата на Дарко Марковиќ. Белич, затоа што косата му беше посветла од нашата.
Каспер, голем и добар, како добриот дух од цртаниот. Симит, скратено од презимето – маалска економија на зборови.
Имаше и такви прекари што се носеа со генерации, а никој не знаеше од каде почнале.
Како Кљак – тука веќе и историјата кренала раце. Имаше и апсолутни маалски мистерии како Џуксан – џуџе претворено во нешто што ни сами не знаевме како се изговара, ама сите знаевме на кого се мисли.
А имаше и прекари родени од чиста детска генијалност. Како Бки – од една сендвичарница, од еден тост „со смрдела“, од баздење, од баздел, од скратување… и ете ти идентитет за цел живот.
Неограничена фантазија. Народна креативност. Маалска култура.
Денес? Денес децата немаат прекари – имаат шифри. Тони1987, Алекс_Official, Marko_Xx, пасворди наместо прекари. Имиња што сами си ги креирале, што ништо не кажуваат, што не носат приказна, ни смеа, ни трага. Нема веќе маало што ќе ти даде име – сега сам си го избираш, како корисничко име на социјална мрежа.
Иронично е што денес само „познатите фаци“ – инфлуенсери, уметници, јавни личности – си ставаат уметнички имиња за да бидат препознатливи.
А порано – сите имавме уметнички имиња. Од мали. Без стратегија, без бренд, без маркетинг.
Само затоа што некој другар забележал нешто кај тебе и решил дека тоа си ти.
Денес имаш куп деца со исто име, и не можеш да ги разликуваш. Мораш да додаваш презиме, објаснување, контекст. Порано беше доволно да кажеш прекар – и сите знаеја за кого станува збор.
Не велам дека времињата биле подобри. Само биле поинакви. Повеќе човечки. Повеќе гласни. Повеќе лични.
Со шифрите и пасвордите не исчезна само еден начин на именување. Исчезна една традиција. Една маалска лична карта. Еден доказ дека некогаш некој те видел, те запаметил и ти дал име што не си го избрал – ама било твое. А тоа, во суштина, е најголемата разлика меѓу тогаш и сега.


































