Конфуциј и општонародната одбрана

Конфуциј, 26 века пред човек да ја измисли вештачката интелигенција, рекол: „Учењето без размислување е бесполезно, ама размислувањето без учење е опасно“. Еразмо Ротердамски пред пет века ја напиша својата иронична „Пофалба на глупоста“, која ја сумирам во две реченици: глупоста е вечна зашто е обично незнаење кое се гордее со себе. А популарниот „мистер Бин“ пред некој ден вели: „На светот му се закануваат две опасности: вештачката интелигенција и природната глупавост“. На сите три размисли заеднички им е – стравот од глупоста. Овој пат ме интересира: каква беше глупоста во вчерашниот изумрен свет, а каква е денес? Намалена ли е во дигиталниот свет?
Во гимназија имавме и еден предмет што се викаше ОНО и ОСЗ. Таа кратенка значеше: „Општонародна одбрана и општествена самозаштита“ и беше круна на глупоста на тогашниот образовен систем. Стануваше збор за целосно измислен предмет, инспириран од идеологијата на комунизмот, како и од параноидната идеја дека надворешниот непријател секој момент може да нè нападне, па народот треба да биде воено обучен. „Најсилна војска е самиот народ“, беше првата „научна“ хипотеза на овој предмет. Да се изучува „општонародна одбрана“ значеше – и машките и женските да учат како се чисти и одржува претпотопската пушка М-48, да се знае колку степени од кругот може да ротира куполата на тенкот и колкав е дострелот на артилеријата. Тоа беше глупост поголема и од онаа за која пишува Еразмо, особено затоа што машките потоа одеа „во војска“, каде уште еднаш ги учеа истите работи. А истиот предмет, на факултет се полагаше прв, како „претпредмет“, како еден вид услов да се зафатиш со книжевност, математика, странски јазици, биологија – односно со она што всушност си избрал да го студираш. Освен тоа, и сите вработени на факултетот, одвреме-навреме, мораа да изведат вежба од ОНО и ОСЗ, со која ќе ја покажат својата способност да се соочуваат со вонредни воени ситуации. Никогаш нема да ја заборавам сцената кога драмскиот гениј од светски формат, Горан Стефановски, тогашен асистент на Катедрата за англиски јазик, облечен во војничка униформа, мораше да се спушти од покривот на Филолошкиот факултет по импровизиран тобоган направен од шаторски крила. Со тоа покажувавме дека сите професори на Факултетот се подготвени за евакуација од покрив што гори, се разбира, по бомбардирањето од непријателот! А ние околу, додека Горан се спушташе, чувавме демек – стража.
Но, Југославија се распадна и покрај тоа што учевме ОНО и ОСЗ – се распадна одвнатре, никој не нè бомбардираше. Страдаа сите оние што ќе поставеа прашање – а зошто учиме нешто бесмислено (принципот на бесполезноста на Конфуциј). Се сеќавам дека во гимназијата, јас и Никола Младенов (легендарниот новинар и тогашен неразделен другар, кој за жал замина прерано под сè уште неразјаснети околности), водевме тешка борба со глупостите, зашто размислувавме. На пример, му се пожаливме на професорот по ОНО и ОСЗ дека материјалот од тој предмет може да се учи само НАПАМЕТ, зашто нема никаква ЛОГИКА (а она што е нелогично – не се помни). Тој побара доказ за „нелогичноста“, а ние му рековме: при класификацијата на оружјата се користени повеќе различни критериуми, а за „точна“ класификација треба еден критериум. На пример, оружјата се делеа на убиствени, онеспособувачки, лесни, тешки, привремени (мина, куршум) и трајни (тенк, пушка), потоа механички, хемиски, биолошки… И сето тоа беше една класификација, што можеше да се научи само напамет. Убиствено или онеспособувачко оружје е еден критериум (дејство), лесно и тешко е друг (тежина), привремено и трајно е според „рокот на траење“, а механичко, хемиско и биолошко е според „муницијата“ што ја користи. Ако се договориме да ги класираме предметите според бои (го убедувавме ние професорот), тогаш ќе има зелени, црвени, сини предмети, ама не може во истата класификација да има рапави сини, зелени солени и жолти остри… Подобар пример за учење без размислување нема. Тоа се викаше „бубање“. А ние по тоа знаевме која наука е вистинска, а која измислена. Ако се учи напамет – измислена е. Ако има логика, се помни и тера на размислување. Се разбира, следниот час нè испраша само нас.
А денес? Кога учат денешниве деца и кога размислуваат? Ги гледам синовите: да не им е она учење на школо (целодневна настава), тешко дека би отвориле книга дома, камоли да седнат зад работните маси што им ги купивме. Кога и да ги прашам кога ќе учат, велат „Научивме на школо“. Кога и да ги прашам „Кога ќе пишувате домашни?“, велат – „Напишавме на школо“.
Камо среќа да е така: и да учеле и да размислувале таму. Јас знам дека ние, од вчерашниот изумрен свет, ќе дојдевме дома, ќе ги напишевме домашните (повеќето и на кујнската маса, немавме сите свои соби), ќе учевме, па ќе одевме да играме. Ама сега не е така. Ќе се вратат од школо, па ќе заскитаат некаде, а кога ќе дојде вечер, им текнува „што уште имале за утре“. И нормално, кој ќе им помогне? Вештачката интелигенција. Еднаш пробав да ја заменам, им ги понудив моите образовни услуги, ама ми беше одговорено дека нема потреба, дека, цитирам: „Ти тато премногу комплицираш, премногу мислиш, а АИ дава КРАТКО И ЈАСНО сè на едно место“. За да не се навредам, ми беше речено дека „освен тоа, да не те мачиме, си имаш своја работа“.
Супер. Ама јас не сум цицал весла, иако сум читал книги и очигледно, по АИ, изгледа дека бесполезно сум си го потрошил животот во тоа читање. Јас знам дека АИ не знае да размислува: таа има само бесконечно многу информации од пребарувачи. Тоа значи дека таа е супериорна по однос на моето мало и со информации неухрането мозоче, но кое сепак има една способност што таа ја нема – да размислува, да го поврзува и споредува тоа што му е послужено од неа и да бара логика во тоа. Човекот внесува смисла во светот, не светот во човекот. Така, логиката ми кажува дека таа, вештачката интелигенција, е „нахранета“ и со оние „лоши учебници“ и „лажни науки“ кои прават класификации на нештата според различни критериуми, а се храни и од разни портали кои ги држат лаици и шарлатани од разни науки. Еднаш ја прашавме АИ дали уморот и мигрената се поврзани, а таа одговори супериорно и убедено: да, се разбира, уморот е чест СИМПТОМ на мигрената. Потоа му се јавив на еден пријател невролог, кој слатко се насмеа – уморот не е симптом на мигрената, туку главоболката, а мигрената не е причина, туку последица од уморот.
АИ очигледно налетала на некој „глупак“ како оние што ги пишуваа учебниците по ОНО и ОСЗ, па се нахранила со погрешно знаење, такво кое меша причина со последица. Ако е така, тогаш и тоа што таа го кажува мора да се научи напамет, зашто нема логика. И нема разлика меѓу неа и ОНО и ОСЗ.
Е, за да не дојде до мешање на причина и последица (на пример, сексуалниот однос треба да е последица на љубов, а не причина за неа како што денес мислат младите), дадени ни се главите. Не ни се дадени за да им правиме фризури или да ги ставаме на перница, туку да размислуваме. Не треба да веруваме дека секоја капа си има своја глава (дури и да ни каже АИ така), туку е време да сфатиме, со своја глава, дека пологично е секоја глава да си има своја капа: капата е последица на главата, не обратно. Тешко е, затоа што бара учење, а не мудрување без никакво знаење. Нешто за што од мајка родени се денешниве политичари, наследници на ОНО и ОСЗ, а не на Конфуциј. За нив не ми се зборува.