Фото: Принтскрин

На конференцијата „Европската иднина на Западен Балкан: Политичка интеграција, регионална соработка и економска отпорност во време на глобални предизвици“, што се одржува во Скопје, премиерот Христијан Мицкоски истакна дека Македонија во процесот на евроинтеграција е жртва на класичен булинг.

– Македонија е жртва на класичен булинг од земји-членки кои одвнатре го уценуваат нејзиното интегрирање во ЕУ. И тоа не се цени според тоа каков напредок имаме, туку според тоа дали ќе го смениме Уставот, името, знамето, банкнотите и така натаму – рече премиерот, пренесе МИА.

Тој додаде дека европската интеграција на земјава е единствен случај во Европа, бидејќи процесот не се темели на мерит-базиран пристап, туку на билатерални прашања, што го нарушува кредибилитетот на Унијата.

– Само за нас, како земја-кандидат, не важи мерит-базираниот пристап. За нас важи билатерализација на пристапниот процес. Спорот меѓу Хрватска и Словенија беше билатерален спор кој се реши во рамки на неколку месеци, откако тогаш Европскиот совет јасно кажа дека откако Хрватска ќе ги заврши преговорите ќе стане дел од ЕУ, а потоа на рамноправна основа ќе има арбитражен спор во рамки на кој ќе се бара решение за билатералниот спор меѓу двете земји – Словенија и Хрватска – посочи Мицкоски.

Тој предупреди дека игнорирањето на оваа реалност ќе го отежне патот на Македонија кон ЕУ и ќе создаде нови пречки. Во своето излагање се осврна и на неуспесите на претходните политички гарнитури, кои, според него, прифаќале услови само за да останат на власт.

Мицкоски посочи дека во европските кругови се повеќе се зборува за концептот на „прва и втора лига“ земји-членки, односно постепена интеграција, и предупреди дека Македонија мора внимателно да ја разгледа оваа иницијатива.

– Затоа за еден народ и една нација, нема поголемо зло од корумпирани таканаречени лидери на таа нација, мекотели, луѓе коишто се мекото ткиво на нацијата и коишто, за жал, се изнагледавме во минатите години и децении на македонската политичка сцена – рече премиерот.

Тој нагласи дека македонскиот народ има вековна традиција, култура и наследство, отсекогаш бил на страната на сојузниците и ја чувал вратата на Европа.

– Јас сум убеден дека и во годините коишто следат и по мене, и по тие по мене ќе имаме луѓе и водачи на оваа нација, народ и држава коишто ќе бидат свесни за своето минато вековно и ќе знаат тоа вистински да го вреднуваат и ценат. И местото на овој народ и оваа држава е во Европа – потенцираше Мицкоски.